А, што правиме ако Генерацијата Икс е всушност најјака?

Имам девет години, а мајка ми, во средни 20-ти во тој момент, усисава и танцува на „My Favorite Game“ од Кардиганс, боса, во фармерки со низок струк.

Вака една миленијалка го започнува своето излагање во Вог - теорија за тоа дека е можно, тие што се родени од средината на ‘60-те до доцните ‘70-ти да се најкул генерација што ја имаме.

„Иако сум родена во ‘90-те - значи миленијалец - ме израсна Иксерка, па бев изложена на иксерска култура од мала возраст. Колекцијата цд-ња ни беше полна со Пиксис, Пиџеј Харви и Пласибо. Филмовите со кои се опседнував беа Girl, Interrupted, Fallen Angels, Run Lola Run, Hackers. Додека се навлеков на писатели од таа генерација, веќе ми беше јасно - сум се родила 15 години предоцна. И бев осудена на Инстаграм и пакети од Асос, наместо да висам по молови и да снимам касети од радио и да си ја мразам корпоративната работа.“

Станува веќе и здодевно да се забележува: зумерите ги мразат миленијалците затоа што биле „кринџ“, миленијалците ги мразат зумерите затоа што се пуританци, а сите мразат бумери затоа што се - бумери. Покрај сето ова, од секоја од споменативе генерации излегува тврдењето „ние сме најбоље!“ ама што ако никој од нив не е „најбоље“ и треба да се свртиме кон најтивките, што не се ни замараат и никој не ги ни спомнува?

Културолошки, Генерацијата Икс не е имуна на бивање „кринџ“ - уште се досадни со таа една предобра журка на која што биле во 1989, иако имаат 50-тина години и никому не му е гајле, плус се фрустрирачки несвесни за улогата што привилегијата ја имала во нивниот цинизам и можноста да „не се замараат“. Сепак, многу - во недостаток на подобар термин - кул луѓе се Икс: Клое Севињи, Александар Меквин, Винона Рајдер, Кејт Мос. Многу голем дел од музиката, уметноста и медиумите што сега ги креираат миленијалци и Генерација З се базира на она што го создале Икс. Како за генерација што ретко се спомнува, баш ги има каде и да се завртиш. И стилска инспирација се - точно е дека сите млади денес изгледаат како да се излезени од 2002, ама ни таа мода немаше да постои да не ја утапкаа Иксери.

Секако, одвојување и дефинирање луѓе по генерација е главно безначаен подвиг - нормално е дека ќе имаш нешто заедничко со некој 2-3 години помлад или постар, макар и дефинициски да припаѓа на друга генерација, отколку некој што припаѓа на твојата, а сте 15 години разлика.

Сепак, додека миленијалци и З се расправаат кој е појак, да не ја заборавиме алтернативата, и најверојатно најточната изјава - ниедни од нив. Не се ни единствените во трката, а веорјатно е и време да си признаеме кој застанува на првото место.

7 мај 2025 - 11:05