Расправии има во секое семејство, но ако ви се чини дека кога сте дома излегува најгадното од вас, тогаш можно е да се движите по токсична територија. Времето поминато со токсични луѓе (макар и семејство) цеди, фрустрира и нè прави бесни. И не треба да дозволуваме да се распаѓаме од давање, а да не добиваме ништо за возврат.
Дали ќе ги препознаете следниве 9 однесувања?
1. Љубомора и натпреварување
Дури и од мајки: Ако сте успеале во нешто, макар и како деца, на пример да ве изберат за хор, па мајка ви со денови ви покажува слики и снимки од нејзините детски успеси на хор, за на крај да ја боли глава кога имате настап - не е на арно.
2. Претерување со реакција
Нормално е да ве караат и да збеснуваат ако сте трчале по куќа и сте скршиле вазна, ама ако до ден денес збеснуваат и за поситни работи од типот дека доцните затоа што сте заглавиле во сообраќај, тогаш може да имате работа со токсични луѓе.
3. Споредби
Со браќата/сестрите сте сосема различни луѓе, но и покрај тоа, член на семејството (или недајбоже целото семејство) прави споредби меѓу вас и вашите достигнувања, што на крај ве оставаат несигурни и нервозни.
4. Се прават жртви
Родителите се многу способни да им фрлаат чувство на вина на децата, но има разлика од едно разочарување (Како мислиш, нема да дојдете на ручек?) до токсично однесување (мајка ти одбива да ти зборува со недели затоа што си одлучил/а да одиш на патување за празниците, наместо кај неа).
5. Не почитуваат граници
Ти се појавуваат дома без најава, постојано бараат нешто и очекуваат да добијат, а дури и кога ќе ги замолиш да почитуваат граници, на крај памет не им паѓа.
6. Секогаш се во право
Ги нејќат сите дечковци и девојки што ги носите дома, немаат почит кон изборот за кариера, пријатели - без разлика што тврдите дека ви е добро и дека сте среќни, никој тоа не го почитува.
7. Се расправаат со ултиматуми
Родителската љубов треба да е безусловна, но „условите“ што ви ги поставуваат звучат како закани.
8. Разговорите се секогаш за нив
Спуштате телефон и сфаќате дека 45 минути сте разговарале со близок член на семејството, без да ви постави едно единствено прашање за вас. Не е секогаш ова алармантно, затоа што некогаш решаваме туѓи кризи и нема потреба да мислиме на себе во тој момент, но ако е секогаш вака, тогаш се работи за токсична врска.
9. Ви ја цедат енергијата
Ако сте секогаш истоштени после интеракција со одреден член на семејството, тогаш колку и да е близок, тој однос не е добар за вас. Точно, на интровертите им е тешко после секаква интеракција, па им треба време да наполнат батерии, но токсична личност ве остава поразени поради драматичните и претерани тенденции што ви ја цицаат цела енергија.
Како се справува со ваков проблем?
Со оддалечување. Најсериозно, ви треба простор, и тоа не значи дека треба да се отпише фамилијата. Ама дека треба да се контролира времето поминато со нив и дека треба да ви стане јасно дека немате обврска да го одвоите тоа време - треба.
Избегнувајте и тригери - ако родителите нонстоп ве замараат затоа што сте одлучиле да се бавите со музика, едноставно не зборувајте со нив на таа тема. Ако нонстоп имаат критика за партнерот, нека не доаѓа или не го спомнувајте во разговор.
Има и еден метод што се вика „сив камен“, осмислен од австралиски психолог - да се однесуваш незаинтересирано и непотресено кога ќе дојде непријатна тема, затоа што токсичните луѓе уживаат да те навиваат сè полошо и полошо ако гледаат дека реагираш. Финтата е да зборуваш со неутрален глас, за досадни теми, да не гледаш во очи и да даваш кратки, општи одговори.
И уште едно - да имате дежурна фраза што ќе ве спасува кога нема каде. Никогаш не може да се знае што ќе го испровоцира токсичниот човек, па едно „во право си“ или „ќе размислам за тоа“ може да ве спаси од главоболки.