500 милиони евра за Нотр Дам од гиганти за мода и убавина

Поточно, семејствата зад Керинг, ЛВМХ и Лореал рекоа дека ќе помогнат во обновата на катедралата.

Последниот заклучок е дека на Нотр Дам ѝ фалеле уште 15 минути до половина час до комплетно уништување, но пожарникарите направиле воден ѕид меѓу пламенот и двете готски кули, со тоа спречувајќи и тие да изгорат. За среќа, поради нивните напори, остана нешто за спасување и помош стига во вид на донации од луксузни империи со седиште во Париз.

Франсоа Анри Пино, извршниот директор на Керинг, во чија сопственост се Баленсијага и Гучи, вети 100 милиони евра за реставрација. По ова дојде изјава од Бернар Арно, претседател на ЛВМХ, со 200 милиони евра и уште една од семејството Бетенкор Мејер (на Лореал) кои понудија уште 200 милиони.

„Семејството Арно и LVMH Group сакаат да покажат солидарност во ова време на национална трагедија и се вклучуваат да помогнат одново да се изгради оваа исклучителна катедрала, која е симбол на Франција, на наследството и француската обединетост,” вели Арно во својата изјава.

Францускиот претседател Емануел Макрон објави дека, „Ќе ја изградиме одново Нотр Дам, уште поубава и сакам да се заврши тоа за пет години, можеме.”

17 април 2019 - 16:09