5 непријатни вистини што олеснуваат живот

Уште од деца нѐ учат на „златни правила“, од типот: Секогаш биди учтив, или искреноста е најдобра опција, што пак ни го бои светот во црно-бело и оставени сме сами на себе да се соочиме дека постојат нијанси.

Растејќи, почнуваме да сфаќаме дека светот е многу покомплициран отколку што (нѐ навеле да) мислиме. И колку и да сакаме да се заштитиме од реалноста живеејќи во одрекување и преправајќи се дека сѐ е во ред, секогаш ќе постојат работи што би сакале да не се така - ама се. И додека не научиме да се соочиме со овие вистини и додека не ги прифатиме, секогаш ќе бидеме заглавени во истите дилеми.

На пример,

1. Само ти можеш да се смениш себеси

Пред да го отфрлите ова како токсична позитивност, пробајте да навлезете подлабоко под фразата. Исто како што сме одговорни за сопствената среќа, одговорни сме и за личниот раст и развој. Колку побрзо се освестиме за сите свои недостатоци и токсични особини, толку побрзо ќе престанеме да ги правиме. Луѓето околу нас се можеби веќе навикнати на нив, финтата е нас да ни текне и да ги препознаеме.

2. Само ти можеш да си обезбедиш closure

Прво - closure: затворање на одредено прашање, како кога мораш за последен пат да направиш муабет со некој, за да можеш да продолжиш понатаму без да го мислиш, или кога ќе ставиш крај на некој однос и си сигурен дека е готово. Луѓето често се зависни од туѓото „затворање“, често сакаат да добијат една последна информација или обраќање, за да знаат дека е готово. Реалноста е дека тоа „готово“, тој closure, зависи од самите нас. Никој нема таква моќ да затвори некое прашање како самите што имаме. Секое очекување некој друг да обезбеди closure е изгубен раат и изгубено време. Траумата не е твоја вина. Ама залечувањето е твоја одговорност.

3. Непреземање ризик е најголем ризик

Живеењето во страв од неуспех и разочарување истовремено нѐ спречува да ги искусиме најпријатните работи што животот може да ги понуди. Излегувањето од сопствената школка е клучно за наоѓање љубов, пријателство, предизвици и други финоќи. Ризикуваш неуспех, да, но наградата може да биде многу поголема.

4. Понекогаш, откажувањето е за победници

Без разлика што ве учеле цел живот, и откажувањето може да биде добро. Баталете ги тие токсични наапани цитати: НЕМА ОТКАЖУВАЊЕ. Ако ти е мачно, те јаде, немаш видено бел ден и не ја бива работата - и тоа како има откажување.

Чувајте си го здравјето и бирајте битки.

5. Да сакале, ќе го направеле

Ова е доста тешка вистина за прифаќање, ама истовремено важи дека колку побрзо сфатиш дека односите со луѓето се игра на приоритети, толку подобро.

Ако сака да ти пише, ќе ти пише. Ако сака да се видите, ќе се видите. Ако сака да помогне, ќе најде начин. Ако не сака… Ред е да престанете да се убедувате дека „нешто не е во можност“. Океј, има исклучоци. Ама веројатно и сами можете да ја забележите разликата кај човек што сакал и човек што не сакал. Првиот ви е тука, вториот се тешите дека ви е тука.

7 април 2021 - 13:22