
Топлиот македонски дочек на бугарските сили (и нивните организатори од прифатните комитети) може да се припише на фактот дека ова беше прва можност од 1920 година за народен протест против Големото Српство. Тоа не беше нужно индикација дека Македонците од Вардарска сакаа да бидат во секој аспект трансформирани во Бугари. Се чинеше дека немаше обид од страна на Македонците да прогласат независна или автономна држава, како што направија Хрватите. Доколку Ванчо Михајлов и остатоците од ВМРО имале направено какви било обиди во овој момент да се борат за македонски сепаратизам од Бугарија, а не постојат докази за тоа, тие беа сосема неефикасни.
Добредојдето на Бугарите во Македонија постепено се намалуваше, поради начинот на кој беше спроведена окупацијата. Германците, чии етнички географи правеа разлика меѓу македонските Словени и Бугарите, не ѝ дозволија на Софија формално да ја анектира југословенска или грчка Македонија. Ова не ги одврати Бугарите да ги третираат Македонците како непослушни деца кои имаат потреба од строго реориентирање.
Бугарите едноставно сметаа дека Словените во Вардарска Македонија се Бугари. Бугарски службеници и малкумина македонски емигранти беа назначени на административни позиции. Осумстотини бугарски училишта беа отворени, наставници и свештеници беа повикани да служат во "Новите земји".
Во јули 1942 година, законот за државјанство предвиде дека сите жители автоматски ќе стекнат бугарска националност, освен ако не се одлучат за српска или грчка националност. Не постоеја индикации за бугарско прифаќање на принципот на регионална автономија.
Тоа што Бугарите се однесуваа повеќе како господари отколку како толерантни ослободители беше особено фрустрирачки за македонските интелектуалци, група во која свеста за некоја форма на автономија традиционално беше најсилна. Со инкорпорацијата на Македонија во бугарската воена машина (регрутација во армија, реквизиција на храна, транспорт и згради) незадоволството се зголемуваше. Додека Германците ја притискаа Бугарија за повеќе храна и залихи, бугарската власт во Македонија почна да изгледа речиси толку репресивна колку што беше југословенската. И покрај тоа, не постоеше народна реакција во корист на претходната власт.
Од „Југословенскиот комунизам и македонското прашање“, Стивен Палмер и Роберт Кинг, 1971 година.
Повеќе овде