Ако човек стори ниет да прогугла нешто за едно чудно и несекојдневно име како Касиопеја на кирилица, ќе се појават информации за едно далечно и сјајно соѕвездие кое го краси небесниот свод и за една наша сјајна уметница со тоа име чии што слики красат ѕидови по изложби, галерии и приватни домови на колекционерите и љубителите на убавата уметност.
И ќе рече човек: види случајност, а јас ќе речам случајности не постојат. И ќе додадам она што уште старите Римјани го знаеле велејќи Nomen est omen (името е знак). Во цела таа случајност ќе најдеме и сличности и различности.
Од она што ќе прочитаме за соѕвездието ќе дознаеме дека е сочинето од пет сјајни ѕвезди кои личат на развлечено W некаде високо на небото, а за нашава Касиопеја дека е сликар што стои цврсто на земјата ама знае да развлече многу линии како W по платната, да ги искомбинира и да не остави без здив од она што потоа како слика ќе се појави пред нашите очи.
Таа првата Касиопеја била мајка на Афродита и се фалела дека со ќерка ѝ биле најубави. Поради таа своја ароганција и преголемо фалење, врзана е за својот стол и осудена да кружи околу Северниот Пол со главата надолу. Нашата Касиопеја не се фали со својата убавина, но и таа е врзана за стол, но не поради ароганција, туку поради љубовта кон уметноста па кружи околу својот штафелај со подигната глава во висина на делото кое го создава.
Најсјајна ѕвезда од ова соѕвездие е алфа Касиопеја (Шедар). Оваа ѕвезда поради својата големина има портокалов сјај, баш онаков како на мноштвото слики на нашата Касиопеја. Втората ѕвезда по сјајност е бета Касиопеја или Каф. Таа има белузлавожолта боја, карактеристична за оние делови од сликите на Каси кои за некого изгледаат како да ја замрзело авторката да достави боја, но за оние кои ја знаат како автор, простор во кој со толку малку боја кажала толку многу. Третата Гама Касиопеја или Цих има спектар БО. Тоа значи дека оваа ѕвезда е белузлаво-сина. Погледнете во сликите и неизбежно ќе ја сретнете и оваа нијанса кога четката ќе избега од основните контури премачкани со темно сината боја која не може а да ја нема во делата на Касиопеја.
За другите две ѕвезди не најдов податоци каква боја зрачат, но убеден сум дека тие бои сум ги нашол негде низ разиграните апстрактно реалистични форми во Касиините цртежи и слики. Пишува и тоа дека во соѕвездието Касиопеја има и маглини, т. е. ѕвездени јата. Јас ќе напишам дека сме почестени што сме современици на Касиопеја која несомнено е дел од она ѕвездено јато на прекрасни, талентирани и креативни сликари што Македонија ги дала.
И пред да ѝ посакам на Касиопеја уште многу години плодна работа со многу испразнети туби боја и истрошени четки и шпакли и оставени подзинати фаци на нејзината публика, би сакал тука да ја споделам нашата конверзација за да го напишам овој текст. Кратка и искрена од двете страни.
-Другарче, ќе успееш да пишеш збор два за изложбата?
-Ама тоа секако. Имам очи да видам што црташ, имам зборови да кажам што гледам.
О.Пимен
п.с. Каси, ова е моето благодарам за Тоширо Мифуне.