- Рускиот генерал Владимир Алексеев, заменик-шеф на Управата за воено разузнавање (ГРУ), е во критична состојба откако бил застрелан пред својот стан во Москва. Напаѓачот побегнал.
- Алексеев бил задолжен за надгледување на приватните воени компании во земјата. За време на бунтот на единицата Вагнер во 2023 година преговарал во име на Москва со паравоениот командант Евгениј Пригожин.
- Генералот е на американскиот список лица под санкции поради наводните обиди на ГРУ за мешање во претседателските избори во 2020 година. Британија му воведе санкции во врска со нападот со нервниот отров „новичок“ во Салисбери во 2018 година.
- Функционери во Москва ја префрлаат врз Киев одговорноста за нападот, извршен додека во Абу Даби делегации на двете земји преговараат за крај на војната. Во дискусиите е вклучен и Игор Костјуков, шефот на Алексеев.
- „Обидот за убиство на Алексеев е најдобриот начин да се блокираат преговорите, а единствен што би имал полза од таква ситуација е украинскиот претседател Володимир Зеленски“, изјави рускиот пратеник Алексеј Журављев.
- Излезноста на парламентарните избори во Србија во часовите по отворањето на избирачките места е двојно поголема од онаа на претходните избори во 2003 година. За гласање се прават километарски колони.
- За 250 пратенички места во Народното собрание се натпреваруваат 18 изборни листи, од кои девет се малцински. Право на глас имаат нешто повеќе од 6,45 милиони избирачи.
- Главната битка е меѓу владеачката Српска народна странка чија листа ја предводи Александар Вучиќ и Студентската листа, изнедрена по долготрајните блокади и протести иницирани од падот на настрешницата во Нови Сад,
- За постизборната ситуација и комбинации не помалку важно е дали и кои други партии ќе го преминат цензусот. Таа дилема важи главно за Социјалистите на Ивица Дачиќ, Автентичната десница на Милош Јовановиќ и Европската листа (Здравко Понош, Мариника Тепиќ, Ѓилас...).
- Резултатите се неизвесни но уште поголема неизвесност и несигорност создава прашањето дали тие ќе бидат признати од страната која ќе изгуби, во атмосфера во која српското политичко тело е полазирано како никогаш досега.
- Од заедницата на Македонци во Србија потсетуваат: „Шарената револуција не ѝ донесе ништо добро на Македонија, не сакаме и Србија да помине низ слично искуство“.
- Првиот човек на „Рајанер“, Мајкл О’Лири, го обвини Брисел дека го поткопува европското воздухопловство преку нееднакви давачки за јаглеродни емисии. Повисоко ги оданочува летовите во рамките на ЕУ, а ги ослободува американските и кинеските авиопревозници, иако тие испуштаат повеќе штетни гасови.
- Според Евроконтрол, летовите на долги релации претставуваат само 6% од вкупниот број во Европа, но создаваат 53% од емисиите на јаглерод. Сепак, спаѓаат под поевтината категорија на ОН за компензација, а не во внатрешниот систем на на ЕУ.
- Европската комисија предложи од 2029 година да ги прошири мерките врз одредени летови што поаѓаат од Европа, но тоа нема да важи за подолгите рути и летовите што пристигнуваат од САД и Кина.
- „Урсула фон дер Лајен се плаши да направи нешто освен да зборува. Таа е бескорисна. Европа има патоказ за поголема конкурентност – тоа е Извештајот на Драги. Две години подоцна, ниту една од неговите препораки не е спроведена, а Урсула фон дер Лајен се крие во зградата 'Берлемон' и не прави ништо, освен што држи говори“, изјави О'Лири за Еуроњуз.