- Владата ја тргна забраната за прелет и слетување на руски државни воздухоплови над и во земјава, со што се отвора можноста за евентуално доаѓање на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје.
- Засега нема потврда дека ова значи и доаѓање на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на министерскиот состанок на ОБСЕ.
- Славјанка Цаци Петровска, уфилмана дека е некој фактор, пред некој ден лупеташе дека не гледа причина Лавров да дојде на состанокот на ОБСЕ. Цаци ма!
- Британскиот премиер Кир Стармер се реши на битка за политички опстанок, откако неколкумина министри во неговата влада и 80 лабуристички пратеници го повикаа да поднесе оставка поради одговорност за рекордно нискиот рејтинг на партијата и еден од најкатастрофалните порази на локалните избори пред неколку дена.
- Шест клучни министри од кабинетот на Стармер потврдиле за Телеграф дека на денешниот состанок на владиниот кабинет ќе побараат оставка од премиерот. Тој, сепак, не им дал збор и ги кажал сопствените аргументи зошто треба да остане на функцијата.
- „Изминатите 48 часа беа дестабилизирачки за владата и тоа има реална економска цена за нашата земја и за семејствата. Земјата очекува од нас да продолжиме со управувањето. Тоа е она што го правам и она што мора да го направиме како кабинет“, им изјавил Стармер на министрите.
- Стармер истакнал и дека во партијата се уште не е покренат официјален потег за избор на нов лидер, што во британскиот систем значи и нов премиер.
- Премиерската позиција на Стармер е безбедна сè додека 81 пратеник од Лабуристичката партија официјално не предложат нов лидер на партијата. Министерот за здравство Вес Стритинг наводно веќе има таква поддршка, но се воздржува да ја предизвика лидерската позиција на Стармер.
- На крајот на јуни во Грција на сила ќе стапи нов пакет мерки поврзани со туризмот и градењето кои надлежната министертка за туризам ги претстави како историски.
- Правилата за градење ќе бидат далеку построги од сега, особено за масовно посетуваните острови како Родос, Миконос, Санторини... Новите хотели таму не ќе можат да имаат повеќе од 100 кревети.
- Нови хотели надвор од официјалните градежни области ќе бидат дозволени само на големи имоти. Во зависност од регионот, ќе мора да се има површина од најмалку осум до 16 хектари.
- Се забранува градба поблиску од 25 метри до морето.
- Лани Грција ја посетиле 38 милиони туристи.