- Која е пораката на Судскиот совет да ја предложи стечајната судијка Елизабета Дуковска за судија на Уставниот суд? Дека му треба стечај на Уставниот суд или да ја дополни низата на слаби правни кадри кои сега доминираат во Уставниот суд?
- Дуковска, која е предлог на Зоран Герасимовски, судија на Апелациониот суд, кој е во кумовски односи со најистурениот играч во СДСМ, лепенка на лидерот Ковачевски, би имала мандат од 9 години во Уставниот суд, што многумина го гледаат како награда, бидејќи таму ќе остане и по периодот на нејзино пензионирање.
- „Сведок“ потсетува на еден нивен поранешен текст кој „јасно кажува каков судски капацитет се крие во Дуковска“, која сега треба да ги штити слободите и правата на граѓаните во Уставниот суд.
- На денот кога САД и Иран прогласија двонеделно примирје, Израел изврши досега најжестоки напади врз Либан – загинаа најмалку 254 луѓе и 837 беа ранети. Израелските сили бомбардирале повеќе од 100 цели на Хезболах во Бејрут и во јужен Либан.
- „Размерот на нападите е ужасен. Овој масакр, во рок од неколку часа по согласувањето за прекин на огнот со Иран, е неверојатен. Ова е огромен притисок врз кревкиот мир, кој им е толку очајно потребен на цивилите“, изјави шефот на ОН за човекови права, Фолкер Турк.
- Техеран предупреди дека ќе се повлече од договорот ако продолжат израелските напади врз Либан.
- Израел тврди дека примирјето не се однесува за Либан, спротивно на соопштението од Пакистан, кој посредуваше во преговорите помеѓу САД и Иран и прв го објави договорот. Трамп првично не коментираше, но подоцна изјави дека израелските акции во Либан се „одделен конфликт“.
- Либан е единствената земја од регионот што не истрелала ниту еден куршум во војната, а трпи огромна штета. Повеќе од 1,1 милион луѓе се насилно раселени, и многумина живеат на улица. До завчера, според либанското Министерство за здравство, од израелските бомбардирања загинале повеќе од 1.530 луѓе, а 4.812 биле ранети.
- Белата куќа работи на план да казни некои партнери од Алијансата за кои претседателот Трамп смета дека не им помогнале на САД и Израел за време на војната со Иран.
- Планот е во рана фаза, но според Волстрит журнал, казната би била повлекување на американските трупи од овие земји. САД имаат стационирани околу 84.000 војници низ Европа и базите обезбедуваат економска поддршка за земјите-домаќини преку инвестиции.
- „НАТО не беше таму кога ни требаа и нема да бидат таму ако повторно ни требаат“, порача синоќа Трамп на TruthSocial. Тој притоа го спомна Гренланд, кој сака да го присвои од Данска заради стратегиска безбедност на САД: „Се сеќавате на Гренланд, тоа големо, лошо управувано парче мраз?“.
- Прва на удар е Шпанија - единствената земја на НАТО што не прифати да троши 5% од својот БДП за одбрана и забрани американски авиони вклучени во операцијата во Иран да го користат нејзиниот воздушен простор. Италија накратко им го блокираше на САД користењето на воздухопловната база на Сицилија, а Париз им дозволи на Американците да користат база во јужниот дел на Франција само за авиони што не се вклучени во војната против Иран.
- За главни поддржувачи, САД ги сметаат Полска, Романија, Литванија и Грција.
- На средбата зад затворени врати со генералниот секретар Марк Руте, Трамп отстапил од заканата за повлекување на САД од НАТО. За такво нешто потребна е одлука од Конгресот.