Секоја година од буџетот се покрива дупката на ПИОМ и таа никогаш не се намалила под една третина од вкупната сума за исплата на пензиите.
Дури и кога во 2022 година се зголемиле придонесите за 11,63 отсто и изнесувале 890 милиони евра, ПИОМ имал расходи од 1,4 милијарди евра за пензии. Разликата од 530 милиони евра е покриена од џебот на сите граѓани.
Притисокот врз буџетот на Фондот ќе се зголеми откако ќе почне реализацијата на линеарното зголемување од 2.500 денари на септемвриските пензии, бидејќи за само три месеци, државата ќе треба да издвои дополнителни 40 милиони евра за да го покрие покачувањето.
Министерот за одбрана Пит Хегсет најави дека ќе им бидат вратени сите привилегии на припадниците на оружените сили на САД кои биле принудени да ја напуштат службата затоа што одбиле да се вакцинираат против ковид.
Поранешната администрација на Џо Бајден во 2021 година нареди задолжително вакцинирање на сите припадници на воените сили. Во текот на 500 дена, до 2023 година, биле отпуштени или поттикнати да дадат отказ повеќе од 8.000 лица кои одбиле да се вакцинираат.
Една недела откако го почна вториот мандат, Доналд Трамп со извршна наредба ги поништи отпуштањата и ги покани вработените да се вратат на служба. До април се вратиле 170, а уште 800 изразиле намера да се вратат.
Нова работна група ќе ја разгледува секоја штета што Пентагон им ја предизвикал на вработените. Ќе се испитува случај по случај дали одбивањето на вакцинација на кој било начин им наштетило на кариерите. Дури и ако немаат намера да се вратат на служба, Пентагон ќе им обезбеди начин да ги обесштети поради скратените бонуси или заслужените бенефиции.
„Се заколнавте дека ќе го штитите Уставот и ќе ѝ служите на нашата нација. Бевте малтретирани од Пентагон во времето на Бајден и ние ја поправаме таа неправда“, изјави Хегсет.
Со значително помала воена парада на Црвениот плоштад во Москва, Русија денеска ја одбележа 81-годишнината од советската победа над Нацистичка Германија во Втората светска војна.
Петтата парада откако Русија е во војна со Украина се одржа во време на тридневно примирје, кое го издејствува Доналд Трамп по разговори со Москва и Киев.
Поради „тековната оперативна ситуација“, оваа година на Црвениот плоштад не дефилираа воени кадети и борбени возила.
Пократок е и списокот на светски лидери и високи функционери во ложата покрај Владимир Путин. Покрај редовниот белоруски претседател Александар Лукашенко, кој досега на пропуштил ниту една парада во Москва откако е на власт, присутни беа само уште малезискиот крал и претседателите на Лаос, на Казахстан и на Узбекистан,
Словачкиот премиер Роберт Фицо, се сретна со Путин и положи цвеќе на Споменикот на непознатиот војник, но не ја следеше парадата.