IBM изгуби помеѓу 67 и 70 милијарди долари пазарна капитализација во еден ден, во историски најлош пад на акциите во изминатите 58 години.
Акциите на IBM вчера паднаа за 25% откако технолошкиот гигант објави разочарувачки раст на приходи од само 1% во вториот квартал.
„Во последните неколку недели клиентите ги префрлаа своите капитални трошоци кон сервери, складирање и купување меморија за да обезбедат инфраструктура пред очекуваното зголемување на цените... Не се адаптиравме и не се движевме доволно брзо“, порача извршниот директор Арвинд Кришна во писмо до инвеститорите.
Бизнисите даваат приоритет и на вложувања за безбедност, бидејќи напредните алатки со ВИ овозможуваат пософистицирани кибернетски напади. За ова сведочи порастот на акциите на CrowdStrike за 12%, а на Okta и Netskope за по 11%.
На ова поле IBM ја промовираше Lightwell - иницијатива од 5 милијарди долари за отстранување на ранливостите во софтверот со отворен код, со поддршка од Bank of America, JPMorganChase и Goldman Sachs и други големи банки.
Меѓународниот кривичен суд ја затвори долгогодишната истрага за злосторства извршени од американските сили во Авганистан по 2003 година.
Првичната истрага беше одобрена пред шест години, но долго време беше замрзната. Судскиот совет сега заклучи дека Обвинителството повеќе не е способно ефективно да спроведува истраги и да обезбедува докази, што дополнително се усложнува поради времето што изминало од извршувањето на наводните злосторства.
Ќе продолжи посебен случај „Ситуацијата во Авганистан II“, кој се фокусира на наводни злосторства на талибанците по август 2021 година, вклучително и прогон на жени и девојчиња. Меѓународниот кривичен суд веќе објави налози за апсење на високи талибански лидери.
САД не се членка на МКС и ја отфрлаат неговата надлежност врз американските државјани. Вашингтон воведе санкции против судии и обвинители откако Судот објави меѓународна потерница по израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поврзана со злосторства во Газа.
Американскиот државен секретар Марко Рубио минатата недела го обвини Судот дека „го користи меѓународното право како инструмент на глобалните елити“.
Не сите веруваат дека отстранувањето на Хуанг Јенсен од Нвидиа се сведува на крими-трилер приказна каква што ѝ се нуди на јавноста, приказна за убава, згодна и вешта кинеска шпионка инфилтрирана како љубовница на кралот на чиповите.
Еден од таквите е Дејвид Сакс - поранешниот цар за вештачка интелигенција на Трамп, кој сега е копретседател на Советот на советници на претседателот за наука и технологија.
Во подкаст со уште неколку ИТ познавачи, се потсетува дека Јенсен беше еден од најголемите корпоративни опен сорс поддржувачи што беше голема главоболка на еден влијателен блок луѓе кои сакаа моделите и чиповите да се под построга контрола.
Шпионската приказна била само средство да се исполни главната цел.