Текстот во рубриката Стигнавме на дното е преземен без интервенции од порталот Женски магазин.
Речиси два часа, обожавателите го чекаа српскиот пејач Ацо Пејовиќ на дружењето во „Ист гејт мол“, по повод неговиот концерт во Скопје, на 9 април во А1 арената.
Додека Пејовиќ се чекаше, публиката ја забавуваше водителот Миро Кацаров на негов оригинален начин, предизвикувајќи ги да прават склекови, да пеат песни од Пејовиќ, а за награда тој им подари билети за концертот.
Делот околу сцената каде што се очекуваше гостинот беше преполн, а оние кои не сакаа да се туркаат го сликаа и го снимаа од горниот кат и од ескалаторите.
Се чини дека сите фанови се вклучија во живо на Фејсбук и на Инстаграм, кога пејачот конечно дојде и ја испеа „Ponoć“, најпопуларната песна од фимот „Тома“, каде што Пејовиќ ги испеа вокалите. Публиката го следеше во секој стих, и со ова уште еднаш се докажа каков филмски хит направил Драган Бјелогрлиќ и каков хит за народот направил Жељко Јоксимовиќ.
-Извинете што доцнам, имаше гужва на граница. Јас би сакал да нема граници, во целиот свет да се патува без граници“, рече Пејовиќ на почетокот. -На концертот ќе има изненадувања, ќе дојдат мои колеги како гости кои сигурно ќе им се допаднат на оние кои ќе дојдат, но нема да ги откривам сега кои се. Многу му се радувам на овој концерт и со радост ќе пеам за сите вас“, изјави Ацо Пејовиќ и рече дека е клише ако зборува колку му е убаво во Македонија, колку го сака духот на народот и нашата храна, но тоа е вистина.
Потоа, публиката самата, пеејќи рефрен побара една негова песна, „Да ми је“, а тој им ја исполни желбата. „Испеав уште една многу убава песна во филмот „Тома“, „За Љиљану“, најави Пејовиќ, и тогаш уште еднаш сите се вклучија во живо и заедно со него ја испејаа познатата балада од Тома Здравковиќ.