Време на подготовка:
10 мин.
Време на готвење:
25 мин.
Вкупно време:
35 мин.
Порции
2 лица
Состојки
- 1 парче замрзнато лиснато тесто
- 4 лажици маслиново масло
- 1/2 лажичка сол
- 1/2 лажичка црвен пипер
- 1 лажичка босилек
- 1 чешне лук
- 300 гр. кашкавал
- 1 мала тиквица
- 1 помал црвен кромид
- 2 домати
- 1 лажица брашно
Подготовка
Одмрзнете го лиснатото тесто. Загрејте ја рерната на 200 степени. Намачкајте еден плех со малку маслиново масло.
Истурете врз кујнската маса една лажица брашно и врз него исукајте го лиснатото тесто. Ставете го тестото врз подготвениот плех. Малку подвиткајте ги краевите од тестото кон внатре, како на стандардна пица. Со вилушка внимателно прободете го тестото на неколку места. Ставете го тестото во загреаната рерна и печете го околу 10 минути.
Во меѓувреме загрејте во тава на среден оган 4 лажици маслиново масло и во него додадете сол, црвен пипер, ситно исецкан лук и босилек. Пропржете ги една минута со постојано мешање па одстранете ја тавата од рингла.
Исечете ги тиквицата, доматите и кромидот на кругови.
Извадете го тестото од рерна. Премачкајте го со подготвената смеса од маслиново масло. Рамномерно распределете врз тестото 2/3 од ренданиот кашкавал. Врз него распределете го исецканиот зеленчук. Додадете го остатокот од кашкавалот и вратете го плехот во рерна. Печете ја пицата 10-15 минути додека да се растопи кашкавалот.
Послужете ја топла исечена на парчиња.
На здравје!