Колку и да изгледа машинството просто и очигледно, во некои негови области има сериозна геометрија и виша математика. Еве на пример таканаречените хипоидни запчести парови, кои овозможуваат пренос на големи вртежни моменти при најмали димензии. За нивно разбирање потребен е, ајде да го кажеме модерниот израз, интердисциплинарен пристап.
Најпрво, од општа геометрија ни требаат површините од втор ред, хиперболоидите. Од кинематика - сложување на ротациони движења и релативно тркалање на таканаречени аксоиди. Од математика - кривите еволвенти. Сето тоа, заедно со јакосните пресметки, се користи во машинските елементи за проектирање на димензиите и профилот (геометријата) на кривите запци. Конечно, доаѓа изработката според методата на Глизон (прикажана подолу на видеото). Со користење на принципот на релативно тркалање се формира сложената геометрија на кривите запци на запчаник во форма на сегмент од хиперболоид. Кога два такви запчаници се во спрега, изгледа како да се допираат два хиперболоиди со разминувачки оски по една заедничка права.
Е сега, да се вратиме на интердисциплинарноста. Најдобриот начин за да се разбере сето ова е преку постепено, подготвително учење и полагање на набројаните предмети. За даден образовен профил мораат да се научат и положат сите потребни предмети, не доаѓа предвид импровизирање и крпење со изборни предмети. Едноставно не е можно сето одеднаш да се научи во еден предмет, а дури и да се научи напамет, ќе недостасува комплетно знаење од сите наброени дисциплини, кое ќе се примени и на многу други места. Бидејќи е потребна систематичност, порано знаеле што прават, па затоа го разделувале и систематизирале изучувањето во посебни предмети и дисциплини.
Ако по сите предмети би било научено (и разбрано!) како што треба, не би имало проблем ни со интердисциплинарноста. Затоа, нека не прават глупости со комбинирање на предмети. Нека не градат куќа без темел, туку подобро нека поработаат на повишување на стандардите за предавањата и оценувањето ако сакаат да добијат вистинско знаење. Но, најпрво нека затворат 80% од факултетите, нека воведат задолжителни приемни испити и нека престанат да им се мешаат во работата на професорите коишто си ја знаат работата како што треба. Оние коишто раздаваат лесни оценки да ги „притегнат“ и да ги доведат во ред или пак да се ослободат од нив. Премногу штети направија во последниве 2-3 децении.
Ова не е 1946 година за да ни требаат масовно и набрзина описменети кадри, туку 21 век, време на брз технолошки развој кој сурово казнува неписменост, некадарност и неконкурентност.