- Ти бе не чу? го прашав кога убацуваше во трета. Го прашав оти тишината меѓу беше одвишна. Знаев дека имаме за што да размениме по некоја дума.
- Не... Што да чујам? Сега пред пола саат фатив да таксирам... ми врати оставајќи го погледот прикован на улицата по која се тркалавме.
- Боро загинал. Паднал авионот некаде во Босна. Изгледа сите се отидени, бекнав од збор до збор повторувајќи го она што мене ми го кажаа 20-ина минути пред тоа по телефон.
- Како бе загинал?! – се сепна. – Слушам јас по станица дека нешто се случува ама не сфаќав што е – вика он и испитувачки почнува да ме гледа, да не испадне будала која наседнала на сеирџија кој не бира за што се мајтапи. Се заборави гледајќи ме како малата Елена во оној нејзинион спот. Нешто ме прашуваше, нешто му одговарав ама и прашањата и одговорите бргу ни пресушија.
– Бог да го прости, го заклучивме муабетот и продолживме без зборови да се пробиваме по градскиот плејстешн. Траеше тоа едно двеста метра кога мојот возач почна да се вртка во своето седиште неочекувано го замава воланот со десна и речиси бесно издекламира:
- Ете! Го отепаа човекот!
Ги дигнав веѓите и прашав:
– Зошто човече некој би го убивал Боро?
- Ех зошто, зошто? Ќе му најдат ТИЕ зошто!
Мислев дека матрицата на овој муабет со таксистот ќе биде „главна народна занимација” во деновите кои доаѓаа. Оти ние инстинктивно прибегнуваме кон тој модел на мислење. Го имате мојов таксист на пример: тој не беше ниту манипулиран од медиумите ниту пак неговата реакција може да се објасни како производ формиран на оние групни сеанси кога таксистите од нога ги мозгаат актуелните теми. Не, тој беше „идеолошки” чист, пред себе имаше само една сува и сурова информација, а сепак од прва го рече тоа што го рече. На прашањето „зошто” и кои се „тие” подоцна ќе му ја мисли. Битно е конструкцијата на мислата да може да го издржи информативниот товар кој подоцна ќе ѝ се закачува. А заверите се неверојатно издржливи магариња.
Додуша, во тие моменти кога сè уште не беше потврдено дека луѓето загинале и мене ми се виде згодно да си најдам објаснување кое барем психолошки ќе ни остави простор и за хепиенд на приказната. Па верував дека кај и да е, Боро жив и здрав, со вепар на рамо ќе излезе од некоја босанска грмушка и малку издрпан, но скроз насмеан, добродушно ќе им соопшти на шокираните новинари: „Па и не им е аеродромов баш некој...”.
И потоа ќе се вратеше дома како вистински херој, ние малку ќе се сомневавме дека целата ујдурма ја смислиле Американците за да му обезбедат уште пар мандати, ама ќе бевме задоволни што го имаме крај нас нашиот Рамбо од Моноспитово и ќе го теравме да ни раскажува како било што било...
Деновиве, молев Бога музите да ме погалат со некоја друга тема. Оти од темата за смртта бегам какошто од своите сеќавања бегаат овие денешни лицемери што се лигават над животот и делото на Трајковски. Едноставно со смртта не можам да се соочам ни на теориско ниво па од неа обично се бранам со бенигни зезалици од типот „не ми пречи да умрам, ама тоа што ќе останам мртов ме вади од памет”. Затоа и не гледав многу телевизија. На неа главно слушав музика, оти ова беше ретка можност човек да одмори од јодлањата на македонските естрадни девојчиња кои некој ги убедил дека така мораат сите да пеат. Да одгледав сè што ми понудија, досега или од тага ќе се самозапалев или од бес ќе тргнев лично да ги шамарам сите лигуши кои се изнаредија пред камерите за да лијат кродокилски солзи и да го митологизираат Борис Трајковски. Па онда се јавea други да го бранат Боро од лажните поклоници па сега ќе чекаме и трет бран правоверници кои ќе го бранат од првита два. Може ли малку тишина бре? Тишина за фамилиите на загинатите... за да можат да се соочат со ужасниот немир кој им ги распарува душите.
Останатите нека покажат сочувство со оние сега навистина кои жалат до небо. И доволно е. Боро како пријател на спортот, љубител на животните, другар на растенијата, визионер, неимар, темелник, несфатен човек, поставувач на основите на современата македонска република, всадувач на љубов во срцата на луѓето, човекот кој сакал да јаде фаст фуд, колку ѕвезди има на небото, уште колку жртви треба да дадеме, никогаш нема да биде какошто беше... Хелоууу?! Сум бил отсутен јас од државава или нешто дебело сум пропуштил во меѓувреме? За истиот ли човек зборуваме? Боро во вести, Боро во спортски вести, Боро во семејни емисии... фали уште да го овековечат во оние емисии за храна и да ни го понудат омилениот рецепт на претседателот кој ние од должна почит ќе треба да го јадеме секој ден. Усул малку! Ликот на Боро доби „чест” дури и да ги замени постерите со оние морони од „Клон”. Уоууу! Што е следно? На некој претприемчив газда да му текне да направи наградна сложувалка со Трајковски при што последниот дел треба да биде пластифициран за да се добие мопед?
Елем, дојдовме дотаму што воспитан човек денес и да сака да проговори, нема да го направи тоа само за да не се најде во исто друштво со сиот шљам кој деновиве изби на површина. Много их је и страшно галаме...
Туку да не си го валкам веќе јазикот. Прееска бев до продавница. На излегување се разминав со баба и внука кои се шетаа. Малата имаше едно 4-5 години, детски наивно и совршено симпатично ја праша баба си: И сега он ќе биде мртов секој ден? Одговорот не успеав да го слушнам. А толку ме интересира..
Трендо, 2004-та