Има неколку текста за ова издание на фестивалот, со кој се покриваат различни аспекти на настанот.
Слободан Петровиќ во Екран се осврнува на понудените композиции, текстови и интерпретации.
Организаторот на „Скопје 70“, Радио-телевизија Скопје, премногу инсистираше на тоа сите вокални инструментални исполнители да ги интерпретираат композициите на македонски јазик. Што добивме од тоа?
Еден јазик што никогаш не бил, не може да биде и не смее да биде наш. Кому му служи кога Далибор Брун наместо рака ќе рече рука, наместо сонце - сунце, кога ќе чуеме акцентирање кое го нема ниту во еден јазик, кога сето тоа ќе приличи на играрија со јазикот, со публиката, со фестивалот?
Петровиќ пренесува за скандалот на непоканување на Џамбазов и Шпато како диригенти. Вели дека „Скопје 70“ понудил „песни што ќе се пеат, но и песни кои, со мали исклучоци, ниту можат да задоволат и малку посериозни критериуми, чии носивости се трaлалајски, за посериозното уво - несериозни“.
Од интерпретаторите го издвојува Лео Мартин кој бил „инвентивен и надахнат“ но „ би било неправедно да не споменеме дека мошне, успешно се претставија Тереза Кесовија, Диме Поповски, Боба Стефановиќ, „Млади леви“, Радојка Шверко, Зоран Милосављевиќ, Зафир Хаџиманов и младата Сашка Петковска, пред која, бездруго, стои убава кариера“.
Петровиќ особено е критичен кон текстовите на „Скопје 70“.
„Што сè не чувме, колку сè невкусности, баналности, клишираност, дегутатност“.
Дострели на примитивност рецензентот наоѓа во текстот на Зафир Хаџиманов во песната „Земи момче Македонче“, за кој вели дека е „највреден бисер во еден криминалитет текстови“.
************
Од своја страна, Зорица Тодорова, исто така во Екран, се зафаќа со гардеробата на учесниците при што пресудува дека имало „малку елеганција и многу невкус и лошо облекување“.
„Младата Сашка Петковска очигледно дека вложила напори да сошие репрезентативен фустан. Во тоа, за жал, малку успеала“, пишува новинарката која ги трола и БИС-БЕЗ кои „не направија ни најмал напор за ансамблово облекување“.
Тодорова особено го издвојува примерот со Диме Попов:
„Тешко може да се оправда ноншалантноста на Диме Поповски, кој на сцената се појави во облека, која ја носи и на излет, по улица, в кафеана“.
*********
Ама па се погаѓа и Диме Поповски да има своја (прва) колумна за Екран. Очигледно и до него допреле забелешките за гардеробата, па ќе запише:
„Навистина ме изненади што дел од публиката многу малку обрнуваше внимание на мојата интерпретација. Ce чини дека за тоа беше виновна мојата гардероба. Бев облечен во облека најобична, во која се чувствувам најудобно, која не е декоративна, фасадерска, на која не ѝ робував, која што ми служи, што може да се носи и секој ден. Или - облека која предизвикува заради својата едноставност, а не невкусност или демодираност. Почувствував дека публиката ја слуша мојата гардероба, а не мојата интерпретација. Јас, сепак, бев дојден на фестивал“.
***********
Супер ствари се овие старите дешавки.
ВБУ не знаеме кои се, ама добро работат и ако продолжат така, можат да станат централен хаб за македонска музика. Одете им на сајт.