Привремено решение за лавот и мачката

Министерката ги собра и едните и другите, натежна кон едните, пресуди за другите, на крај се премисли и сега бродот тоне забрзано и наместо радост за новороденчето, настана кавга од широки размери и сето тоа замислете, поради едно "привремено" сместување кое после нив (ЗЏМ) ќе може со сето право да го побара било кој ансамбл од било кој тип музика.

Филхармонија и ЗЏМ биле сродни ансамбли и затоа не би требало да има некаков проблем. Проблем всушност и немало, сѐ додека некој си таму, "остроумен" и побуден од некои си негови апетити, се досетил на "генијално" решение, а бидејќи ние сме расад за таквите, му текнало на салата која е наменски проектирана за оркестарот на македонската филхармонија, дека истата може да биде "привремен" дом и на ново-недооформениот ансамбл за џез кој повремено, поточно неколку пати во изминативе неколку години настапил во истата сала.

Да се потсетиме, кај нас "привремено" беше ФИРОМ, ние "привремено" се паркираме пред влез од зграда, "привремено" живееме на кредити, имаме "привремени" вработувања, кај нас МВР е сместено во зградата на националната ни телевизија, ние всушност сме привремена држава веќе одамна. Од сето ова погоре споменато, доаѓа сомнежот за секое "привремено" решение кое го предлага било која политичка гарнитура.

И така, во ова општество каде секој се знае и умее, се подадоа еден куп џезогрижници кои за гратиси се гребат веќе по првиот завршен концерт на Џез фестивалот кој едвај кубури и преживува и за истиот, прст не им мрдна па барем на социјалните мрежи да направеа револуција, истите тие решија да ја шмркаат својата кафица на сунценце слушајќи ја Ријана и Весна Змијанац, и од таму со телефончето у рукица без никаков факт, "безрезервно" да поплукаат на социјалните мрежи по македонската филхармонија од која реално им се појавува осип бидејќи не ни стапнале на било кој од нејзините концерти. Се разбира, веќе во првите три статуса објавени од поединци, се шири филхармонијофобија и се констатира дека никому не е ни потребна таа институција, бидејќи сега се џезери. Фрчат предлози згарадата да се пренамени за сѐ и сешто, може и фотоволтаици да нареди некое дете на некој наш политичар или во најмала рака да се користи за расад.

Истовремено, оние правите џезери кои се образувани за истото, тие за жал се водени од фб. шпиц играчи кои тераат кон раскарување и конфликт, како успешно би ја дозамрсиле веќе и така замрсенава ситуација не само во културата, ами и во целокупниот ни македонски живот.

Како нормална појава во ситуација на напад, инстиктивно е да почнеш да бараш начин како да се одбраниш кога веќе не те брани институцијата чија обврска е тоа, Министерството за култура, па така и уметниците од македонската филхармонија, на свој културен начин започнуваат да се бранат. На нивна страна се појавуваат музички уметници, како и други успешни луѓе од јавниот живот и посочуваат на јавноста, а воедно и на министерството за култура, како и на владата, дека решението за "привремено" сместување не е добро. Се спомнуваат Линколн центар, НДК во Софија, Ватрослав Лисински во Загреб и еден куп други, но никој не појаснува дека тоа се сали каква што беше нашата Универзална сала која за жал веќе не постои, а и прашање е дали некогаш повторно ќе се изгради. Никој не посочува и не ја потсетува јавноста дека М1 и М2 студијата се проектирани и изградени за токму таков вид на оркестар со сите акустички мерења од странски инженери во времиња кога се запазуваа сите стандарди, кон што стреми да е младунчето ЗЏМ и дека истите тие им се понудени, а од страна на шпицовите на ЗЏМ се одбиени. Оттука се поставува прашањето, зошто? Дали е целта со чиста мисла или има нешто друго? Во целиов свет, биг бенд оркестрите најчесто се во склоп на националните телевизии, во Србија, РТС има свој Биг бенд, симфониски и народен оркестар. Филхармонијата е засебна установа. Да не ја спомнуваме Софиска, Загребска, а не пак Берлинска филхармонија кои немаат ниту Џ од џез оркестар.

Но повторно е прашањето, кому и зошто е толку важно да се смести "привремено" во салата на филхармонијата и чуму сета оваа енергија за едно "привремено" решение? Секако, ретко кој новинар го поставува истово прашње што исто така фрла еден сомнеж на еднаквоста за известувањето за обете засегнати страни. Министерката ги собра и едните и другите, натежна кон едните, пресуди за другите, на крај се премисли и сега бродот тоне забрзано и наместо радост за новороденчето, настана кавга од широки размери и сето тоа замислете, поради едно "привремено" сместување кое после нив (зџм) ќе може со сето право да го побара било кој ансамбл од било кој тип музика.

И за крај, целиов овој период провејува уште еден "генијален" заклучок, Македонската филхармонија со традиција од 80 години и новородениот ЗЏМ биле сродни ансамбли, па оттука е заклучокот дека немало никаков проблем да се во ист дом.

Почитувани, лавот и мачката се иста фамилија, ептен сродни, да се обидеме?

Марко Виденовиќ

 

15 април 2023 - 23:14