
Македонското Министерство за надворешни работи, со сериозност својствена за објава на земјотреси и други природни катастрофи, изрази поддршка за американската интервенција во Венецуела (види: „Ај па и на ваша глава“ - н.з.). Без дилеми, нијанси, оградувања, без никаква сопствена анализа - како и вообичаено за сé што прават. Навикнале да зборуваат со туѓи зборови кога се работи за поддршка на големата сила. Но, тоа не е никаква дипломатија, туку најмизерно полтронство пред посилниот.
Ова не им е првпат, туку веќе воспоставен образец на однесување. Во Обединетите нации, Македонија во повеќе наврати се најде во обратна позиција од светското мнозинство од 160 и кусур земји, но во линија со Вашингтон:
- дадоа глас против укинување на американските санкции кон Куба, заедно со мал број земји;
- гласаа воздржано или отворено против резолуциите што ја критикуваат политиката на Израел;
- гласаа воздржано или со малцински глас против резолуции за Палестина, за повлекување на Израел од окупираните територии, за решение со две држави, па дури и за правото на самоопределување на палестинскиот народ.
Воздржаноста е само друга форма за наведната глава.
Често се прави грешка и полтроните се мешаат со подлизурковците. Но разликата е суштинска. Подлизуркото ласка, клима со главата и се надева на трошки од господарот. Тој е само смешен, но сепак безопасен.
Полтронот, пак, оди чекор понатаму. Тој не само што е понизен пред претпоставените, туку е насилен кон потчинетите. За да се докаже пред моќниот, мора некого да понижи, како некаква компензација. Подлизуркото сака само ситна привилегија, но полтронот сака да биде брутален и да владее. Ги сретнуваме во речиси секоја работна организација и институција кај нас.
Од гласањето во ООН, кругот се затвора на домашен терен. Кога, по трагедијата во диското во Кочани, опозицијата постави прашања за одговорност, безбедност и пропусти, одговорот не беше ниту оставка, ниту истрага, ниту сочувство. Одговорот беа етикетите „глодари“, „некрофили“.
Образецот е како по учебник. Кон Венецуела покажуваат отсуство на сочувство и поддршка. Кон САД држат наведната глава. Кон Куба и Палестина гласаат спротивно од светот. Кон Кочани демонстрираат отсуство на сочувство. Кон домашната критика искажуваат навреди.
Полтронството е стратегија за владеење во земја што нема капацитет да спречи трагедија во едно диско, но има став за Венецуела, Куба и Палестина. Трпиме понижувања од посилните, за да покажеме некаква лажна важност и сила над немоќните. Всушност, само нé срамотат пред светот. Некој треба да им каже дека и надредените презираат полтрони и дека ги ликвидираат кога повеќе не им требаат.
Има уште една важна разлика меѓу подлизуркото и полтронот. Подлизуркото се срами од себе и се крие, а полтронот без срам ја претставува државата.
Основниот модел е секогаш ист: тиран кон потчинетите, слуга кон надредените. Токму согласно дефиницијата од речникот на странски зборови и изрази.