Орелот и министерот

Веројатно ја знаете приказната за орелот и полжавот и за зачуденоста на првиот како вториов стигнал до него. Да ви покажеме како во македонски услови, басната може да се претвори во бајка. За некого.

Бојан Маричиќ, во слатко зелено џемперче, ги прогласува Заев и Борисов за визионери и ни едно ни две, прогласува: „Денес испишавме историја“.

Тоа во август 2017 година.

Денес, три години подоцна, Бугарија бара да признаеме дека нè измислил Тито и дека зборуваме на дијалект на нивниот јазик. Испишавмe историја, бога ти!

Ама затоа денес, Бојан Маричиќ е министер.

********

Ако не ја знаете приказната за орелот и полжавот:

„И така, орелот решил да се вивне кон височините, да запичи угоре и да стигне таму каде што никој од другите не стигнал. Пошто контал нашиот јунак, него не му е судено да се меша со останатата ситна боранија која нешто демек лета наваму-натаму. Не, неговата карма е да се стреми кон недопрените височини. Да ја искористи својата аеродинамична супериорност и да ги подреди животните цели на својот паблик имиџ. Да шиба високо, да тера уште повисоко, да стигне највисоко! И успеал, мајчин тој. Летајќи упорно и ударнички, по некое време стигнал до највисоката земјина кота. Долетал до некој планински врв на кој никој жив дотогаш немал припарено. Застанал орелот на карпестата бучка и некое време уживал во својата олимписка издвоеност од шљамот под себе. Но, не за долго. Неговата суетна интроспекција била грубо прекината кога тој до себе забележал – полжав! Сосема обичен, регуларен полжав, онаков со рогови, куќичка и сè што оди во комплетот. Можете да си го замислите шокот! – Добро бре мајку му, како па ти стигна овде? – прашал вџашениот орел. Полжавот одговорил смирено и искрено: – Со лигавење брат, со лигавење...

Ете, си помуабетивме малку за ова новинариве што ги унапредуваат со политички функции. Додуша, кај добар дел од нив, тоа и не е некое унапредување. Тоа е само уточнување на називот на професијата со која се занимаваат. Луѓето сега и официјално можат себеси да се нарекуваат портпароли и не мораат да се кријат зад адамовиот лист, наречен новинарска легитимација. Опуштете се колеги, сега слободно ќе можете да ги искажувате туѓите ставови без да му ја мислите дали некој „ќе ве прочита”, без да ве јаде јанѕа дали испуштивте да ги вметнете оние „рече/истакна/додавајќи дека/дознаваме од проверени извори” во својот ултра објективен, мега непристрасен и пе-ха неутрален новинарски текст.

Ма фала богу, да се живи и здрави. Џабе ли дуваа во тоа свирките? Џабе ли ги носеа оние хипи маици порачувајќи им и на силеџиите и на јавноста дека се решени до последен штеп да ја бранат својата света професија? Само, зошто ја бранеле кога уште тогаш мислеле да ја напуштат, не ми е јасно. Некако глупо е тетка да се зачленува во организација на жени ако веќе има закажано операција за промена на полот. Баш ме интересира како биле облечени во драфтот додека дремеле на клупа во седиштето на партијата,чекајќи да дојде кадровикот за да одбере 3-4 од нив, а на другите да им се заблагодари и да им порача: Кип ап д гуд џоб! Какви ли маици тогаш носеле? Тука сме, земајте? Она што мене највеќе ме жалости во овој случај е тоа што сите заинтересирани новинари, сепак не успеаа да бутнат глава во политиката. Рестото од нив сега ќе мора пак да го гледаме на вести како кука над судбината на народот, како драпа за објективноста и за моќта на седмата сила. Бог те, седма сила, како тоа ебежливо звучи.

Треба да се најде некој јунак па да приреди блиц анкета меѓу новинарите колку за да се илустрира нивната енциклопедиска информираност. Првото прашање би имало за цел да го опушти анкетираниот:
– Дали знаете вие, како новинар, на која сила сте претставник?
– На седмата! – задоволно крикнува новинарот, по што на анкетарот му останува само да поентира:
- Фино, ајде сега набројте ми ги првите 6“.

Трендо,
во колумна од 2002 година

********

 

16 октомври 2020 - 11:32