
Изјавата на бугарското Министерство за надворешни работи е веројатно најексплицитната институционална потврда досега дека Софија не го третира спорот со Македонија како еднократно прашање поврзано само со уставните измени, туку како трајно вграден механизам во самиот пристапен процес кон ЕУ.
Кога Бугарија вели дека т.н. „европски консензус“ од 2022 е „целосно обврзувачки“, дека нема да дозволи негово „реинтерпретирање или заобиколување“ и дека Вториот протокол претставува „неразделен дел“ од европската преговарачка рамка, нема дилема како Софија гледа на пристапниот процес. Самата Софија експлицитно потврдува дека спорот е институционализиран во рамките на ЕУ процесот, додека ЕУ избегнува да се изјасни околу улогата и правната тежина на Вториот протокол, оставајќи ѝ на Бугарија простор самата да го дефинира неговото значење и опсег.
Во спротивно, пораката би била едноставна: направете ги уставните измени како последен чекор и процесот продолжува без дополнителни политички условувања. Но бугарската страна никогаш не кажала нешто такво. Напротив, самата официјална изјава покажува дека станува збор за многу поширок и траен механизам на условување вграден во таканаречениот Втор протокол: историја, идентитет, јазик, образование, говор на омраза, работа на историската комисија, дипломатски документи и „non-papers“ што се доставуваат до земјите членки и европските институции, влијание врз европски извештаи и континуиран мониторинг што би се одвивал во текот на самиот преговарачки процес кога тој навистина ќе започне.
На секој што макар и малку ќе чепне под површината не може да не му стане јасно дека не станува збор за еднократен услов, туку за долгорочен механизам преку кој билатералниот спор е вграден во самата европска пристапна рамка. Посебно што категориите како „говор на омраза“ остануваат без јасна и прецизна дефиниција, додека истовремено Софија се потпира на тезата дека македонскиот идентитет е изграден врз „антибугарска идеологија“. Во таков контекст, дури и самото одбивање да се прифати дека Македонците пред 1944 биле Бугари, како што официјална Софија тврди, се претставува како „фалсификување на историјата“ мотивирано од „антибугарска идеологија“, а оттука и како израз на омраза кон Бугарите.
Затоа е целосно депласирано тврдењето дека само треба да ги донесеме уставните измени и ќе влетаме во ЕУ. Самата бугарска позиција покажува дека тие се сфаќаат само како почеток на многу подлабоко институционализирање на бугарските барања во рамките на ЕУ процесот.
Во тој контекст, реакцијата на Михаел Рот е многу значајна не само поради критиката кон Софија, туку и затоа што доаѓа од германски политичар кој директно посочува дека ваквото билатерализирање на процесот ја поткопува геополитичката кредибилност на ЕУ на Балканот. Особено ако се има предвид дека токму Рот беше меѓу најгласните европски политичари кои во 2020 отворено се спротивставуваа на бугарското вето и силно се залагаа Македонија да не стане жртва на билатерални историски спорови во процесот на проширување.

Самиот пакет од 2022 преку Вториот протокол е повеќе од јасен за секој што сака да го чита без политички филтри, а за оние што со години убедуваат дека станува збор само за еднократна уставна измена поврзана со човекови права, токму денешните бугарски изјави најдиректно го разоткриваат тој наратив како обичен политички опортунизам.