Ногу луѓе ми имат кажано дека колку и да не си верник, кога идеш на црква, особено на празник, чувствуваш некоја посебна смиреност. Како некој шо голем дел од детството го минал по цркви, у потпунос се согласувам.
И сеа, на триестина години, колку и да не сум верник, кога повремено се појавам у црква, најчесто по повод свадби и крштевки, не со некој ванземски интензитет, ама сепак почувствувам блага доза на телесна релаксираност и духовна транквилност.
Па често сум се запрашувал, од дека сеа овоа, од дека овие неочекувани промени у расположение кај некој како мене, шо решил мајмунски да ужива у сите земни задоволства, хедонистички и егоистично да пристапува кон телесните, психичките и еротските потреби, уместо личните неурози да си ги скроте со аскетска смиреност и трпение. А сум се одлучил така кукавички и себично да терам низ животецо ради тоа шо сметам дека аскезата од кога ќе ги победе сите ирационални стравови воде кон една рамнодушност, шо некој ја перцепират како длабок филозофски мир, а ја успеав у мојта глава да ја спакувам само како апатија и генерална сеопшта незаинтересираност. Затоа, ден за дена му пркосам на свето со eвтина примитивна љубопитност.
И уствари сфанав дека одговоро на прашањето од погоре се состое у самото прашање.
Кога поединецо тргнува да оде на црква (зимам ја како пример пошто ми е најблиска, сигурно е слично у џамиите, синагогите и останатите храмови) он мајмуно го остава зад себе и оде да го слушне гласо на својта безгрешна и идеална небесна проекција шо ја нарекува Бог. Значи самото привремено дефокусирање од земните страсти и фокусирањето према некои возвишени вредности проследени со тежнеење искрено да се комуницира со некоја духовна чистота, психосоматиката го претвара у извесна хормонална, моторичка и умствена смиреност. По мене најважен момент шо допринаса за таков вид на расположение, иако не сум некој специјален фан на идеите на Фројд, е ставањето под тепих на дивјачкото либидо и прималнио рефлекс за размножување. Кога истите тие луѓе одма после служба, или следнио ден, би отишле у кафана малце полежерно и попровокативно облечени и тамо ќе треснат по пет ракии и автоматски нагоно за полово општење ќе почне да и рика како на горила, сите претходно потиснати и репресирани неурози и инстинкти им еруптират и им влијаат на поведението, шо е у непрекидна корелација со емоциите, шо се такуѓере у непрекидна корелација со мислите (когнитивен триаголник).
Да се врнам у црквата. Освен сексуалнио феномен, на смиреноста им влијаат и други фактори. Не смее да се занемаре уметноста, иконографијата, копаничарските ремек дела по олтарите, византиското пеење, слаткоречивоста у писанијата, шо праќат еден чуден коктел од сигнали и сензации, шо потпомогнати од испарувањето на восоко и стеарино фузирани со темјано од кандилата дејствуват хипно-терапевтски. Исто и балансираната амбиентална светлина има големо влијание. И последно, ама не и најмалце битно, е разменувањето енергија у толпа, кога секој поединец е у улога на медиум шо прима и пушта вибрации. Истото искуство на безвременски еуфорија ја среќаваме и по концерти, спортски натпревари и слично.
У тие моменти безрезервно сакаме, пееме, гушкаме, даваме, подаруваме, частеме цела кафана. И најважно од се: спонтано ја осеќаме циркуларноста на природата како единствен Апсолут, бескрајната игра на доброто и злото, на живото и смртта, на дено и ноќта, на плимата и осеката, на Џекил и Хајд...
На момент не сме само обични торби пуни коски и месо, туку победници, шо го победиле исконскио страв од бесмисла.
Кирил Стоименов - магационер