Од магдонос до Петар

Што е врската помеѓу Александар Македонски, магдонос, целер и сите кои се викаат Петар? Долг е тој пат и завршува секаде каде што има по некој Петар, Петрос, Пјер... но тој пат започнува од овде, од Македонија.

Да почнеме со магдоносот. На грчки е „мајданос“ (со акцент на о), што доаѓа од Отоманскиот турски, каде се изговара речиси исто, што пак потекнува од арапски, махдунис, една од варијантите на името на оваа билка. Други варијанти се бакдунис и макдунис.

Овие зборови доаѓаат од старогрчкото „македонезион“, што значи македонски. Во арапскиот, Александар Македонски е познат како Искандар ал-макдуни, или „од Македонија“. И отпрвин не е очигледно дека „макдуни“ и „бакдунис“ се од истиот корен.

Сега ако прашувате зошто древните Грци би го нарекле растението „македонско“, тоа е затоа што тоа не било неговото цело име. Тоа било Македонезион петроселион, односно Македонски магдонос. На латински вториот збор станал име на билката, петроселинум, на германски е питерзилие, на француски персил, англиски парсли, петрозилија на хебрејски итн.

Името петросилион на старогрчки се состои од два дела - „петро“, што значи камен и „силион“ што значи целер. Така, магдоносот всушност бил камен целер. За оние на кои им е познато Светото писмо, во Матеј 16:18, Исус му вели на Симон - „А Јас тебе ти велам: ти си Петар“, тој не му дал на Симон случајно име, тој го нарекувал Петрос, односно камен, „кефа“ на арамејски, а од Петрос добивате Петар, Пјер, Бутрос итн.

И тоа е тоа.

***********

Во рецепт за манџа со риба и кромид, запишан од баба Наде Каневчева од Охрид (родена 1922) се вели:

Рибата летница ќе ја земиш ќе ја расцепиш, ќе ја исечиш парчина, големи. Ќе здробиш кромид. Свекрва ми понекогаш и малу праз ќе клаеше, за полезет да е. И пиперка црвена ќе здробиш. Ќе го испржиш убо кромидчето. Ќе му туриш малу вода. И македанче ќе му фрлиш.

* види Букбокс читанка: Само за лезетлии, рецепти од Македонија
 

20 февруари 2023 - 17:29