
Нов Закон за Рударство или чек карта за уништување на природата?
Вчера налетав на објава од „Спас за Гевгелија“ во која се алармира за тоа дека Владата подготвува нов Закон за рударство. Денес решив да истражам што точно ни се спрема, и откако потрошив малку повеќе време, ми стана јасно дека ова не е закон туку легална дозвола за уништување на природата без да не прашаат. Одиме со ред...
1. При доделување или проширување на концесиите, нема ниту еден член во законот со кој централната власт ќе се обврзе да побара мислење од локалната - било тоа да е градоначалник или совет на одредена општина. Ова значи дека државата или некој министер, законски ќе може да ти донесе рудник пред врата, во село, на планина, покрај река – а ти ќе немаш апсолутно никаков законски основ да се жалиш на таа одлука.
2. Народот нема право да знае. Законот предвидува дека никој не е должен јавно да објави дека се планира рудник, нема обврска за јавна расправа - нема време за реакција на заедницата. Се се решава тивко, зад затворени врати, како да е приватна фирма а не држава.
3. Сите одлуки ги носи владата – без контрола, без проверка. Целата моќ е кај министерот и владата. Ако тие решат дека рудникот е „стратешки“, можат да одобрат што сакаат и каде сакаат. Нема независна комисија, нема глас на народот, нема ни медиумска покриеност. Ова не е демократија – ова е феудализам во 21-ви век!
4. Иако во Член 1 стои дека целта на законот е „одржлива експлоатација“, законот не дефинира што точно значи тоа. Без јасни критериуми, оваа флоскула може да се користи за легализација на уништување во име на „развојот“.
Празни зборови = празна заштита. А празна заштита = слободен пат за нови еко-злостори.
5. Во законот се спомнуваат некакви „финансиски гаранции“ за санација по рударењето, ама не пишува колку треба да бидат, каде ќе се чуваат, кој ќе ги чува, и кој ќе ги контролира. Сè е оставено на волјата на некој иден министер – ако му текне, ако сака, ако не е под нечиј џеб. А сега замислете – фирмата копа, труе, пустоши....и потоа си оди. Останува кратер во земјата, езеро полно со тешки отрови и отров во воздухот, а ти, твојата фамилија и твоите соседи ќе ја платите сметката од вашиот буџет. И тоа под услов ако веќе не е доцна! Ова е чек-карта за бизниси без совест и карта во еден правец до нова еколошка катастрофа.
6. Европските правила се само на хартија – во пракса владее див запад. Во текстот на законот пишува дека се „усогласува со европски директиви“ – ама во реалност - нема мислење на заедницата, нема реална заштита на природата, нема контрола врз загадувањето, нема обврска за санација после уништување. Тоа е како да ти ветат нова куќа, а да ти остават дупка полна со отров. Не лажат дека е по европски стандарди, а прават по шеми од банана-држави.
За крај, само да кажам дека не сум правник ниту експерт по рударски закони, туку само загрижен граѓанин и љубител на природата кој сака да сфати што ни се спрема. Го прочитав предлог-законот колку што можев и ги напишав моите забелешки. Ако има правници или експерти што ќе дополнаат или коригираат нешто, нека повелат.
Еден од коментарите:
Предлог законот го имате - овде