Каков е билансот на нашата досегашна борба со епидемијата и трката по вакцини? Дали бевме подобри на почетокот или сега?
При крајот на минатата година, кога поголемите и поразвиените земји веќе започнаа со вакцинација, нашите здравствени власти, сакајќи да го обезбедат најдоброто за населението, се одлучија за вакцините на Фајзер. Не сакаа да чујат за ништо друго. Од денешна гледна точка, гледајќи што сега порачуваат, се чини дека таквата одлука беше исправна. Но, бадијала добрата замисла, кога вакцини едноставно немаше.
Под притисок на јавноста и политичката опозиција, власта потоа се решава на дијаметрално спротивен чекор - во крајна нужда и очај се одлучува да набави кинески вакцини, инаку најскапи на пазарот. Покрај поквалитетните Синофарм вакцини (коишто пристигнале во неделата), за жал договориле (или веќе порачале?) и 500.000 дози од слабо ефикасните Синовак. Овие вторите тогаш, па ни сега, практично никој во светот ниту ги бара, ниту ги купува, освен од некои слични, подеднакво очајни земји. Да биде неволјата уште поголема, бевме измамени од белосветските хохштаплери (да се потсетиме на скандалот со вратениот капар од кинеската страна), па ни од таа работа не испадна ништо. Со текот на времето, како што пазарот на вакцини започна да се стабилизира, постепено беа склучени некои договори, па извесни мали количини започнаа да пристигнуваат. Всушност, со оглед на слабиот интерес на населението за вакцинација, може дури да испадне дека и овие количества се повеќе од доволни.
Што можеме да заклучиме од овие наши порази? Ете, нашите власти пробаа сè - од одлука за вакцинирање со висококвалитетни вакцини (угледувајќи се на успешните земји, сосема правилно), до вакцинирање со „дај што ќе дадеш“ скапи или неефикасни вакцини (очајнички потег, под притисок на јавноста и опозицијата). Ако првата одлука беше погрешна, дали втората беше исправна? Ако пак втората беше погрешна, дали првата беше исправна? Навистина невозможен избор - една слаба и сиромашна земја губи во секоја варијанта.
Дали некоја друга власт би се снашла подобро? Примерот на Србија кажува дека и малите земји, со малку повеќе визија, можат да постигнат завидни резултати. Но, Србија претставува повеќе исклучок отколку правило - доволно е да ги видиме останатите балкански земји и ќе се увериме во тоа. Не е лесно да се донесуваат крупни одлуки, а во мала земја со ограничени материјални и човечки ресурси тоа е уште потешко. Дека имаме проблем со човечките ресурси јасно е на секој чекор - доволно е да видиме што се случува со „образовните реформи“, коишто на крај се сведоа на прашањето за избор на учебникарски медиум - електронски или книжен. Едно несуштинско и ирелевантно прашање, кое во основа нема никаква врска со квалитетот на наставата, беше издигнато на највисок пиедестал и околу него губиме енергија веќе со недели. Но, таа бесмисла не ја сфаќаат ни властите, ни населението.
И така, ден по ден, изгубени и дефокусирани талкаме како гуски во магла поради невозможноста да ја согледаме суштината на работите - без разлика дали се работи за епидемиски мерки, набавка на вакцини или образовни реформи. Ниту некоја политичка партија има да понуди нешто корисно, ниту пак ако понуди - населението ќе го препознае тоа. Очигледен пример за изгубен народ во пропадната држава.