Засега јасно и недвосмислено е дека се забрануваат поранешните полиетиленски пластични кеси, а се дозволуваат биоразградливите, коишто би се наплаќале по 15 денари за парче.
Но, како да го толкуваме вториот дел од ставот (3), во врска со исклучокот за многу лесните пластични кеси, со дебелина под 15 микрони, оние што одвај се одлепуваат и што стојат покрај полиците за овоштие и зеленчук во маркетите? На што се однесува исклучокот, дека со плаќање се дозволени биоразградливи кеси ОСВЕН многу лесните (15-микронски) кеси, како што дословно пишува во законот?
Дали тоа значи:
1.) дека 15-микронските се дозволени и без плаќање, под услов да се изработени од биоразградлив материјал (со плаќање секако се дозволени и подебелите кеси); или
2.) 15-микронските се дозволени (со плаќање или без плаќање?) независно од видот на материјалот; или
3.) 15-микронските не се никако дозволени, односно не важи исклучокот од став (3)?
Првото толкување изгледа најлогично, третото најнелогично, но во секој случај е оставен простор за произволно толкување. Слушам дека инспекторите веќе посетувале продавници и забранувале секакви кеси, освен биоразградливи и со плаќање. 15-микронските воопшто не ги споменуваат.
Ќе биде интересно кога ќе започнат со микрометри по продавници да мерат дебелина на кеси...
Лошо е кога тој што пишува закон, самиот е неписмен, односно не знае што сака да каже.
проф. Дејан Трајковски