Кога сплетките ќе остарат, од нив се прават митови. Грчките митови се почеток на трачот во литературата. Денешните телевизиски сапуници правени се според истата драматуршка матрица, само завиткани во современ „целофан“. Гледано од тој аспект, делата на Ф. М. Достоевски се првата „телевизија“ која се појавила уште во 19 век! Што ќе остане од завалијата Вилијам (познат по прекарот Шекспир) ако му се одземат слоевите на поетичност и мисловност? Најобична црна хроника што
секојдневно ја среќаваме во сите медиуми.
Малкумина знаат (проверено ми е!) дека Хамлет потекнува уште од десеттиот век од древната исландска приказна „Амлет“, збор кој и денес во јазикот на тој народ значи „лудак“. Зошто зборот лудак го ставаме под знакот наводници? За секој случај. А особено заради случајот „Аферата Елсинор“, безобразно радикална и лудачки храбра пиеса на вечниот театарски „детектив“, професорот Љубиша Георгиевски. Еден од ретките режисери кој може да изрежира и телефонски именик, но истовремено со леснотија да ги демистифицира и најголемите митови. Следејќи го принципот дека „нема ништо полошо од добра претстава“, неговите режии и пиеси се движат на работ на сечилото на ножот, стојат на врвот на шпенадла, но истовремено експлодираат во бескрајниот метафизички простор во нас, но и многу подалеку од нас!
Секогаш ќе има самотија за тие што ќе ја заслужат. Само големите
уметници ја разбираат осамената воздишка на славниот Емил Сјоран: „Не гледај нагоре. Таму нема ништо. Вселената е само полупроизвод на нашата тага“. Пиесата „Аферата Елсинор“ го носи овој сомнеж како ментална тетоважа, но во ниту еден миг не го запира својот жесток драматуршки танц помеѓу еросот и танатосот!
Една од најголемите и најславни теми на литературата е темата на
таткоубиство. „Хамлет“ е на врвот на таа планетарна слава. Напишани се тони книги, одбранети се безброј докторати, а многумина го потрошиле целиот свој живот за да ја одгатнат големата тајна на данскиот принц. За да ги цитирам тие автори не ми дозволува моето енциклопедиско незнаење, а да измислувам мои оргинални видувања за Хамлет не ми дозволува моето домашно воспитување.
Во пракса, за да го убиете сопствениот татко, не мора да сте цар Едип, угледен член на некоја казнено-поправна установа или прв братучед на С. Фројд. Доволно е искрена желба и слободен термин, а за оружје колај работа. Денес полесно е да се купи противтенковска граната отколку карбуратор за „фичо“. Но, како да го убиете својот „духовен“ татко? Од лично искуство можам да ви кажам дека тоа е долгогодишна и аргатска работa.
Како да се пишува за својот професор, соработник, пријател и човек кој носи бунда од див босански волк? Има два начина. И двата се погрешни. Љубиша Георгиевски е голем режисер, професор и човек. Тој секогаш е на високо енергетско и креативно ниво, никогаш не напуштајќи го врвниот принцип на уметноста, „без етика - нема естетика“.
Пред скоро 43 години, во еден ресторан на Петроварадинската тврдина во Нови Сад, на иста маса седевме ние студентите по актерска игра во класата на Љубиша Георгиевски, заедно со Јосип Видмар и Јоже Јаворшек, едни од најмоќните функционери и блиски соработници на другарот маршал Тито! (Во тие времиња заради „вербален деликт“ се одеше во затвор!). Долго време таа вечер и обајцата го предупредуваа нашиот професор да не ја режира пиесата „Ослободување на Скопје“ од Душан Јовановиќ, а кога почнаа да му се закануваат и да мафтаат со показалецот кон него, тој им се извика: „Ќе ја режирам пиесата и ќе ви ги скршиме главите!“ И додека ние тоневме во гробна тишина како во буре со катран, лутите политичари демонстративно ја напуштија нашата маса!
Набргу по овој настан, Георгиевски стана „случај“. Заради неговата драматизација и режија на „Свадбата на Мара“ беше обвинет и се најде пред суд!
Оваа мини театарска колумна ја пишував долго време, со голема љубов, почит и благодарност кон мојот професор. Најискрено се надевам дека ќе биде барем мал придонес кон овој грандиозен и фасцинантен животен и професионален јубилеј. И на крајот, за сите скептици и неверници: На бундата, што ја носи професорот, сè уште стојат неоштетени канџите на волкот!
Братислав Димитров
П.С. Почивајте во мир професоре. Вашето дело и живот, поголеми се од секоја смрт.