Приказна за Сашко, Шипе, Иво и Европа

ЕУ? Ало, ЕУ? ЕУ ма?!

На оваа приказна ми текна кога си помислив како ли се чувствуваат сите оние ѓоа мудри глави што парадираа со ЗА прилепено на нивните профилни слики и ревери, кои нѐ убедуваа дека од историја и име не се живее, кои ги етикетираа сите неистомисленици како небањати сељаци, пропагирајќи го виткањето кичма како врвна кама-сутра поза што нуди безгранична сексуална сатисфакција...

На времето, во Народниот театар во Куманово си работеше еден локален актер со звучен прекар Шипе. Фин и кроток човек.

Арно ама, во тоа време во истиот театар почна да работи и тогаш младиот актер Сашко Коцев, добродушен мајтапчија и тежок заебант.

И еден ден, додека седеле на проба подготвувајќи некаква претстава, Сашко на Шипе му прави дубара: искача до веце и оттаму му се јавува на Шипе од некој свој втор мобилен, чијшто број Шипе не го препознава – и со преправен глас му се претставува како Иво од „Вардар филм”, продуцент, со понуда за филмска улога.

По овој разговор Шипе се враќа назад на проба, ама видно изменет: немарно го џитка театарскиот текст на маса, го здомрзува да глуми, со отсутен поглед ги гледа колегите и режисерот... Тој себеси веќе се гледа на големото филмско платно. Холивуде, еве ме! Збогум, жохари!

Сите присутни, упатени во зафрканцијата, си се изнасмеале – ама ништо не му рекле.

Но поминале недела-две, и Шипе свртел на истиот број.

Овојпат Сашко бил тој што не го препознал повикот. Се разбудил мамурен и без да го менува гласот, со тешка мака промрморел „Ало?”.

Од другата страна Шипе се држи за сламка: „Ало, Иво? Иво, Шипе овде... За онаа улогата, нели ќе се јавевте?”

Сашко, на кого по цела претходна ноќ тулумарење дента ич не му било до смеење, уште нерасонет му признал: „Шипе, Сашко е. Мој е бројов. Јадачка беше.”

На што од другата страна крикнал очаен човек: „С-Сашко?”... И веднаш потоа: „Иво? Ало, Иво? Иво, бе?!”.

****

На оваа приказна ми текна кога си помислив како ли се чувствуваат сите оние ѓоа мудри глави што парадираа со ЗА прилепено на нивните профилни слики и ревери, кои нѐ убедуваа дека од историја и име не се живее, кои ги етикетираа сите неистомисленици како небањати сељаци, пропагирајќи го виткањето кичма како врвна кама-сутра поза што нуди безгранична сексуална сатисфакција...

И откако таа ЕУфорија помина, настапи отрезнувачко будење од убавиот сон: никаде им ја нема Меркел, никаде им ја нема Могерини, никаде им го нема Столтенберг, никаде им ги нема овие што ги тапкаа по рамо ко мали деца и им викаа „Блескате, блескате, само напред кон амбисот!”.

Наместо нив, го гледаат грдиот лик на Красимир Каракачанов како им се кљафти во фаца.

Наместо Иво од „Вардар филм” – мамурен Сашко!

И ми доаѓа да прснам од смеење кога ги слушам како запомагаат по непостоечката лажна слика, својата мила и непрежалена ЕУ фатаморгана:

„ЕУ? Ало, ЕУ? ЕУ ма?!

Дарко Митревски

****

1 декември 2020 - 23:12