Две пораки од Вело Марковски и Никола Пановски

Марковски: Ми накалемија четири дела за кои генерално првин ме притворија а потоа бараа докази. Пановски: Ако децата ви собирале убави камчиња на плажа, стевете ги во ќуп и закопајте го за подобри времиња.

Бидејќи сум осуден без и да бидам прашан дали и што сум направил, осуден, бидејќи има ли судија што ќе се охрабри да пресуди поинаку кога со здружени сили пресудa донесоа ЈО, владеачката партија и целокупната јавност, претставена од медиумите... би сакал конечно да објаснам што ми се случуваше/случува во изминативе 2 години, па македонската, но и меѓународната јавност (83 милиони прегледи на моја тв емисија секако се индикатор дека и нив ги интересира) нека пресуди дали е Вело криминалец, среброљубец, педофил, некрофил, забеган... или е срна за отстрел, не класичен отстрел, туку онака во еден убаво осмислен процес од страна на тие што се грижат за доброто на сите нас, Вело да биде тргнат, да го снема, да заборавиме дека постоел, да го дискредитираме, оцрниме, а потоа затвориме.

Ми накалемија 4 дела за кои генерално првин ме притворија а потоа бараа докази.

Страшното дело, поседување на експлозив, распрскувачки материјали и оружје, во превод значи кај Вело дома во семејната куќа од три спрата, на третиот спрат, заклучен, го најдовме пиштолот на татко му со дозвола постара од 50 години. Ако имаше објективност ЈО ќе признаеше дека пиштолот е повеќе со трофејна вредност, не е испукано од него повеќе од 10 години. Вело живее на први спрат (иако куќата е на негово име), татко е починат, а пиштолот не е најден ниту на спратот кај што живее Вело, ниту кај него или во кола...

Второто и третото дело поседување и криење на културни и посебно нагласени природни богатства со непроценлива вредност, во превод знаши од кај Вело товаривме едно комбе со камења за кои вештакот не сакал ни да ги вештачи и одма им рекол дека се кварц и корунди кои се минерални суровини. Проверил само неколку камчиња/ кристали во главно обработени и се минерали и кристали кои ги нема во Македонија (кои јас сум ги купувал за накит по саеми). Покрај тоа вештаците ангажирани од ЈО идентификувале бројни реплики (купувани по Египет, Турција, авто-пазар во Скопје, но и како предмети од носии и други елементи на етнолошко културно наследство, предмети какви ги има во најголемиот број на семејствата кои ги негуваат традиционалните вредности. Исто така еден од вештаците проценил дека римски бронзани парички се најдени во мојот дом, со вредност од околу 300-500 евра вкупно, и дека истите ги има во секоја нумизматичка куќа во Европа со поединечна цена од 3-4 евра. Значи и покрај одредената вредност (што е веројатно задача на ЈО да процени колку чини) се излегува со формулација...бесценето богатство!

Четвртото, најзлонамерно обвинение, злосторничко здружување, онака како додаток. Тоа што немам никаков контакт (сум бил под ПИ мерки и ги знаеле сите мои контакти, разговори...) со никого од тие што ЈО тврди дека се група, што прв пат ги видов луѓето во судница и што освен двајца, сите други се на возраст од 70-80 години, не е важно, додај му го па нека докажува Вело. Па нели првин докази се собираа па после се одредуваше притвор. Ете тој е мојот криминал, и најголемиот успех на ЈО за последниве две години.

Мене ми останаа многу прашалници во главава.

Прво, зошто мораше да бидам држен во притвор, дури бев вратен во притвор после хируршка интервенција со дренови во абдоменот. Зошто не ме пуштаа на преглед (два пати закажан) кај ОРЛ специјалист поради синдром на Мениер (кој страда од оваа болест, знае какви маки се) кога располагале со сите докази, се плашеа ли дека ќе бегам од државава? Уште понејасно ми е како предметот, целокупниот предмет, се најде уште пред 3 месеци кај портпаролот на владеачката СДС па тој на прес конференција го образложуваше. Дали во ЈО нема доволно обвинители па предметот треба да го презентира во јавност владеачката партија. Дали владеачката партија нема доверба во ЈО па си ја презеде работата во свои раце. Нели по дефиниција во ЈО работат врвни правници кои го знаат уставот и законите? Зошто го прекршија уставот со изнесување на предметот во јавност, смее ли било кој предметот на ЈО да биде предмет на анализи од политички партии за време на пред-истражен процес? Треба ли некој да биде осуден пред да почне судењето. Ги прашувам ценетите обвинители, ЗОШТО не му веруваат на судот? Се плашат ли дека судиите не се доволно упатени или недај боже да падне предметот кај судија професионалец па се да им пропадне во вода. Односно, ЗОШТО ЕДНОСТАВНО НЕ ПОДНЕСОА ОБВИНИТЕЛЕН АКТ пред судот? Зошто првин ме осудија па побараа подршка од јавноста за оправданоста на нивната пресуда? Сакаат ли со ваква постапка да му ги врзат рацете на судот? Зошто јас и моите адвокати требаше да разбереме од медиумите дека е подигнат обвинителен акт против мене?

А дали сум среброљубец, можат да посведочат многу болни пријатели и непознати дали за помош и консултација (жал ми е што технички не можев да одговорам на сите) на некого сум побарал пари (сите знаат дека во паникава се плаќа и колку се има и колку се нема) или било каква услуга. Дали сум застанал, сум форсирал некој лек за време на оваа пандемија. Дали инспекциите кои цела година испитуваа по завршување на мандатот директор на Инфективна клиника најдоа еден денар проневера, во период кога на завршна сметка клиниката имаше, 500.000 марки, па следната година 500.000 евра добивка. Дали ги наплатив трибините (Зоом платформата сам ја платив) кои ги одржав за докторите во Македонија (околу 300 доктори), трибини кои не беа регистрирани од истите медиуми кои сочно честита Нова година со мои слики и монтирани филмови. Дали за бројните тв емисии некогаш сум побарал пари или кола да ме земе.

Во ред, Вело ќе го нема, само Вело не сфати и не сфаќа што згрешил.

Проф др Вело Марковски
Скопје, 3.1.2021 година

****************

4 јануари 2021 - 20:46