Aман, престанете!

Министре Филипче, не знам кој ви ги води односите со јавност и подготвува дневни пораки за социјалните медиуми, но ова веќе е ноподносливо и навредливо за нас граѓаните што се обидуваме да задржиме здрава памет и здраво тело.

повод:

Зарем толку сметате вие и вашиот тим дека народот е глуп, па ќе го залажувате со изместени пораки?! За каков процес на вакцинација да се информираме? Зарем може некој од нас немедицинксите лица денеска да се вакцинира? За кои фази на вакцинирање зборувате, кога вие вчера кажавте дека не сакате да кажете кога ќе дојдат било кои од ветените по 10 пати вакцини, за да не дадете лажна надеж? Зарем ќе мижите пред фактот дека и да дојде Астра Зенека многумина од нас ќе имаат задршка да се вакцинираат, оти секој ден по една европска земја го прекинува вакцинирањето со оваа вакцина? КОЈ ве советува дека овој пристап на изместување на вистината и ветувања добро ќе бидат прифатени од граѓаните и поддршката за вакцинирање ќе се зголеми?

Било кој со здрав разум и реален поглед (не мора да има било какво искуство во комуникациите), ќе ви каже дека ваквите пораки предизвикуваат или бес или потсмев, дека оние чии блиски се по болници кога ќе прочитаат како ни објаснувате за фазите на непостоечката вакцинација сакаат да викаат, но знаат колку се немоќни и се молат блиските да им оздрават. Оние вторите ќе ви се потсмеваат оти и мало дете ја гледа прозирноста на оваа паракампања.

Каква кампања ќе водите за вакцинација после ова? Свесни ли сте дека наместо поддршка за вакцинацијата ваквите дневни ужасно лоши објави ја намалуваат довербата кон здравствениот систем и кон вакцинирањето?

Па зарем не гледате дека ретко кој веќе верува дека ќе видиме било каква вакцина (освен Астра Зенека која Европа не ја сака), и дека се повеќе се сомневаат дека има причина зошто ние останавме на задникот на Европа за било која вакцина?! Кој ви кажува дека ова е добро?

Излезете од партиските кругчиња каде разно разни подлизурковци ви велат дека супер ја водите камапањава за непостоечката вакцина и зборнете со било кој на улица - ќе ви каже искрено дека ваквите „вести“ создаваат нетрпеливост, нервоза, неверување, потсмев и пизма. Аман престанете! Ќе го загрозите вистинскиот процес на вакцинација ако некогаш се случи.

Држете се до тоа што е факт. План за вакцинација има, медицинскиот персонал се вакцинира, датум за први вакцини нема, бројката на заболени се зголемува. Доволно е и ова мачно, без вакви „вести“. И повторувајте и покажувајте како е да се биде одговорен кон себе и другите!

Жанета Трајкоска

*******

18 март 2021 - 16:20