Драган Илиќ кој во белградско Време ја води рубриката ТВ Манијак решил хронолошки да ги следи неговите објави на социјалните мрежи за да може да се реконструира „развојот на болеста“ но и потезите на власта со која Митровиќ е близок.
Почнало со ждригање.
12 март. Прво на мрежите а после и на сите вести на Пинк, се појави кратка снимка на која Митровиќ објасни како нашол лек за вирусот корона. Отпил голтка Фанта, подждригнал и така го „истерал“ вирусот. Тоа е време кога претставниците на власта (читај Претседателот), следени од доктори, зборуваат за „најсмешниот вирус“ кој постои само на социјалните мрежи. За волја на вистината, два дена порано има еден пост на Митровиќ за тоа дека вирусот во Србија го донеле две проститутки.
15 март. Веќе се зборува за мерките за заштита на вработените. Се разбира, во речиси сите објави се нагласува дека гледаноста на Пинк е огромна, оттука „Србија е со Пинк“.
16 март. Почнува „озонизација“ на Пинк, односно дезинфицирање на просториите. Тогаш првпат се појавува тезата за личната војна меѓу Митровиќ и вирусот.
18 март. Се воведува полициски час па се зборува дека екипите на Пинк му „пркосат“ на вирусот.
21 март. Се појавува интересен егзистенцијалистички пост на Жељко Митровиќ кој реферира на стравот од смртта:
„Кога подобро ќе размислам, логично е што Србите ги зафати волку јак параноичен страв од вирусот, а причина е што Србите разбираат дека човечкиот род е единствениот вирус кој е проколнат да живее со сознанието за сопствената смртност.“
23 март. Првпат за вработените се зборува како за „Спартанци“ што би можело да навестува не само храброст туку и подготвеност за жртвување.
26 март. Датум кога се појавува првата иноваторска идеја. Митровиќ покажува комора за дезинфекција на влезот на ТВ Пинк која ја демонстрира со асистентка (извесна Мара) која минува низ целиот процес. Тука се хоризонтални и вертикални ламби, дезинфекција на рацете, косата итн. За изумот се зборува како за генијално дело на Жељко Митровиќ. Тој самиот ќе напише: „Можете да ме викате Луј, Жекс наречен Пастер.“
30 март. Митровиќ војува со опозицијата, вози ролери по Шимановци, вежба ди-џеј вештини, учи да биде лајт дизајнер и почнува да пишува за акција за борба против короната. Започнува Pink Aid.
Тогаш за првпат се појавува формула за пресметување на процентот на смртност која доживува неколку корекции. Оние кои не ја разбираат или ја оспоруваат, Митровиќ ги нарекува глуперди.
Трендoт на падот почнува по достигнување на процентот од мојата формула:
x% = (deaths x100) : (recovered+deaths)"
1 април. Првпат се појавува, сосема сериозно а не како првоаприлска шега, рецепт за лечење кој се заснова на фреквенција. Само нема плочка за да докаже:
„Сигурен сум дека лек за корона подобро и побрзо ќе се најде во фреквентниот низ отколку во хемијата! Ако би ми дале плочка со корона, би можел под микроскоп да ја најдам фреквенцијата на која короната пука во белите дробови. “
7 април. Почнува Пинковиот караван по Србија каде на здравствени установи, трговски ланци, на вработени во затвор, им се доделуваат заштитни визири. Во текот на примопредавањето, Митровиќ на лекарите им држи предавања за мерките на заштита. Доктор Жекс ќе се појави со „Спартанците“, лекарите ќе се заблагодарат, ќе ги преземат кутиите а хиперактивното шоу на Жељко продолжува понатаму.
12 април. Др. Жекс почнува на своите вработени да им пропишува витаминска терапија.
„Од денеска сите работници на Пинк добиваат седумдневна доза на витамин Ц, Д и цинк, а на ова видео покажувам како витамините функционираат бидејќи имам проголтано цела рака,“ ќе каже на снимка на која вози ролери во некоја фискултурна сала.
16 април. Уште еден важен датум - тогаш на Пинк се прикажува како Митровиќ сам себе си ја озонира крвта. Ова ќе стане важна тема со која Митровиќ влегува во историјата на медицината, бидејќи „прв се сетил“ и ја објавил идејата на Инстаграм. Почнуваат да стигнуваат видео пораки од лекари кои тврдат дека Митровиќ е гениј. Жељко превентивно ја повторува „озонизацијата“ на својата крв.
По сè изгледа, ќе продолжи.....
„Мене ме загрижува само фактот дека сме дојдени до точка кога од позиција на медиумска или политичка моќ, не постои никакво ограничување (етичко или професионално) во емитувањето на каква било медиумска содржина, макар тоа бил и дневник на еден непризнат медицински гениј“, пишува Илиќ, во платената верзија на Време.