Неколку лица од населба Ченто биле приведени заради прекршување на полицискиот час. Алсат излезе со првична информација дека приведените пробувале да извадат легнати полицајци (а на исправените секогаш им паѓа жал за своите паднати колеги) но почеста верзија во медиумите е дека луѓето биле собрани од двор кај што се нашле за да се картаат. „Ама ништо сериозно,“ ќе рече очевидец за ТВ21. Ќе најдете и информации дека приведен бил советник од редовите на СДСМ во Општина Гази Баба, извесен Берат Вејсел, и негови другари. При приведувањата, полицајците (исправените) биле поздравувани со камења фрлани во нивен правец, ќе извести Телма.
Иако полициски час, на улиците бргу се собира толпа која протестира и бара нивно ослободување. Се појавува градоначалникот на Гази баба и на собраните им ветува дека ќе оди во станица, ќе ги ослободи луѓето и ништо нема да им фали (сосема регуларно е тоа, сме гледале во каубојски филмови).
Полицијата подоцна ги пушта луѓето.
Во очекување сме на прес конференција на која ќе бидеме известени дека оние што протестирале денеска љубопитно буричкаат по фамозната апликација за блискост со заразени лица и покажуваат особен интерес да пријавуваат багови.
За крај, видевце од серијалот „Глупа држава, силен народ.“
* Посакуваме главниот прес да го држи некој од МВР: или онаа Славјанка која излупа дека не можат повеќе од тројца да се возат во кола, или оној Чулев кој пропушта совет за безбедност поради исцрпеност. Нам сеедно, битно ни е Филипче конечно да најде време да испие едно кафе со Лиде Лиде. Ова другово, како што гледаме, си функционира.