Томато шпагети со морски плодови

Некои луѓе имаат јахти, а некои имаат тава со дупка во рачката и цел Пацифик во душата. На нас што животот ретко ни дава гратиси и можност да се разладуваме на палуби со шампањ, ние обичните смртници од копно, стално знаеме да си поминеме појако од овие првите. Особено од оние шо оставаат пола плата за 150 грама лошо спремен октопод по јужно-комшиските таверни.

За разлика од нив, ние бистрооките - шо би рекол Ѓоле од Нови Сад - правиме ренесанси во тава за една осумнаестина од таа сума. Ова е за домашните капетани без море, кои знаат како да си бидат сами свои лични кувари.

Одиме со уште еден во низата рецепти што не се мерат во грамажи туку во емоции. Јако крстарење, веднаш после двете точки:

Намирници:

  • 300 г шпагети (од оние што се танки но најдолги, затоа што животот е краток)
  • 200 г ракчиња (со глава) 250 грама октоподови краци (како мислиеш не е елиен?)
  • 3 чешниња лук (нема поезија без лук)
  • 50 г путер
  • Малку маслиново масло
  • 100 мл бело вино (рестото за вас)
  • Половина врзоп свеж магдонос
  • 1 лимета или лимон (за драматичен финиш)
  • Сол, бибер и малку трпение
  • 200 мл густ доматен сос
  • Неколку свежи листови босилек (за „Одби Сотоно“)

Постапка:

Подготви го теренот:
Во голема тава стопи путер со малку маслиново масло. Додај сечкан лук и гледај како станува злато со бесконечно карати.

Внеси го морето во тавата:

Додај ги ракчињата и претходно сварениот октоподот (45 минути у врела вода, додека вилушката мазно не пенетрира во месото) и полека пржи ги неколку минути додека не почнат да добиваат боја. Нека биде 4-5 минути по страна. Сипи бело вино, посоли, побибери и додади свеж магдонос. Нека се вари неколку минути додека виното не се испари.

Во меѓувреме на копното:
Свари ги шпагетите „al dente“ варијанта. Исцеди ги и измешај ги со густ доматен сос и неколку листови босилек. Овде нема наука, само едноставност и страст.

Големото обединување:
Истури ги морските плодови во шпагетите и промешај сè внимателно.

Сервирање: 
Стави ги шпагетите на голема чинија, декорирај со парчиња лимета и свеж босилек.

Совет од капетанот:
Не брзај. Јади полека, пиј бело вино, и замисли дека гледаш морски залез. Единствената разлика е што ти си дома на тераса, но јадењето не мора да знае тоа.

На здравје!

Кирил Стоименов - Капетан Есид

5 октомври 2025 - 12:06