Солена торта за алкохоличари со два соса

Не дека со ортодоксната торта (под ортодоксна читај блага) не иде алкохол, особено пивце за да освежи (војничко мезе), ама соленкото е некако повеќе алко-повлекувателно (трета заграда ради реда). Солена торта, или солен тарт како феномен е еден супер вкусен оксиморон. Ја има во милијарда варијанти: веганска, за месождери, вегетаријанска, посна, сатанистичка итн. Одлична е за мезенце со ракијштини, плус супер ужинка, едноставна за припрема, децата ја сакаат и слични излитени ‚маркетинг‘ фрази. Но, за денешната нема потреба од платено рекламирање, пошто ќе помине одлично и вака, органик.

Идеме, гладен публикуме:

Сосови:

#1 Тапенаде.

Маслинки црни, зелени, или микс од двете и капери у блендер и ‚под мач бато‘. Ги масакрираме додека не станат мазна паста. Преопасен намаз.

#Песто.

На итаљански значи згмечено. Го има во четрстопеесеитри верзии, вчера баш ги броев. Ние идеме со оффнетска, блиска на оригиналот, ако не и подобра: босилек, лук, фастак, пармезан, маслиново и сок од еден лимон. Многу сол и бибер. Рачно крвопроличе, пардон, пестопроличе. Ако ви е премногу густо, додајте од тоа маслиновото, не се понашајте ко да е криза у цел свет.

И запамтете, на сите ни е густо.

Лиснато тесто, А3 формат. Го подвиткуваме како првооделенски учебник, по сантиметар од сите страни. Со виљушка правиме убоди по целата површина. Прво мачкаме од мелемот со маслинки. Потоа редиме слој од моцарела. Врз моцарелата тркалца патлиџан. Врз патлиџанот многу сол и маслиново и на крај - додај песто, слатка сестро. Преклопените страни ги полираме со јајце.

Убацуваме у рерна претходно загреана како напаѓач на аут-линија у 85-та минута. Значи на 200 степени. Печеме додека тестото не надигне, да не речам еректира, и додека обрачот не добие тен како Фела Кути. Ако не знаете кој е Фела Кути а знаете кој е Жељко Самарџиќ, преиспитајте се каде така низ животот.

Јас ја печев 30 минути. И искочи брутално секси. Види фотос. Ако баба лаже, тарт не лаже. Уживанција екипа, и тејќеризи, не може вечно да врне.

Кирил Стоименов - шо сакате, тоа

1 октомври 2022 - 23:06