Печено прасе без јаболко у уста е како тенисер без резервно топче у џеб. Овој бисер балкански што сјае по сите свечености од Вардата па до Триглава е веќе длабоко навлезен и исткаeн во дезените на нашиот генетски код.
Не може да осетиш мирис на печено свинско и да останеш рамнодушен, едноставно тоа е научна фантастика. Автоматски хипоталамусот почнува да сквирта допамин кој повикува на јуриш цела армија од позитивни морници. Жлездите одговорни за стрв почнуваат да лачат на центрифуга...
Ставање јаболко во устата на печеното прасе е марифет којшто дополнително изнудува конфликти меѓу западниот и источниот свет: Филипинците велат нивни бил изумот, Германците на тоа се крстат со лева рака, а Балканците обрќаат очи како при егзорцизам. Изгубив саат време по тој врашки Reddit да најдам кои се пионерите на оваа техника, што симболизира итн. Не најдов ништо друго освен коментари од типот: “Продолжете да јадете стаорци и не раскажувајте многу, многу“ и “Колонизаторски кретени, кога ќе се извините?“. Нејсе.
Јас оваа прилика ќе ја искористам да упатам апел за неправдата која ја трпат јаболката сместени во прасеќа уста. Зошто? Затоа што никој не ги јаде. Срамота и греота. Ако тероризирањето на марулата како подлога за ордевер е број еден во кулинарските неправди, напуштеното јаболко го носи среброто. Колку пати сте биле сведоци на празни овали од прасечко печење на којшто тажно лежи едно зелено јаболко потопено во омрса и придружено од изглодани коски. Хорор.
Затоа, во оваа епизода на ’Храна за возрасни‘ комбинираме свинско месо со крем салата во којашто покрај другите намирници, има и зелено јаболко. Останете на брановите на off.net, следи одлична фузија:
Стартуваме со свинско филе. Го раслојување со познатиот butterfly-cut (распеперуткување) - со остар нож го сецкаме парчето на половина, но не до крај. Вака од цилиндер добиваме плоснато парче месо. По потреба го чукаме за да се распространи рамномерно. Целиме кон парче со дебелина од максимум еден сантиметар. Сол и бибер.
Добро загреана тава, печеме 4-5 минути од едната страна, потоа вртиме на страна-Б, додаваме малку путер и букет свежи билки (јас го убацив светото тројство: мајчина душица - жалфија - рузмарин) и тушираме со растопениот путер уште 4-5 мунити. Тоа е тоа.
Крем салатата: на многу тенко сецкаме зелка, морач, кромид и зелено јаболко. Ги мешаме во длабок сад и потоа додаваме сок од еден лимон, ситно сецкан свеж копар и 3 лажици павлака. За јунаци - може и мајонез наместо павлака. Крунисуваме со маслиново, промешуваме и добитници сме на феномална фанки крем-салата. Сочна компилација од различни вкусови споени во хомогена мајсторија.
Брз сос за месото: лажица мед, две лажици сенф, сок од пола лимон, малку свеж копар. Мешаме и компонираме спектакл.
Парчето месо го сецкаме на ленти, врз него иде сосот, а од страна салатката. Си аплаудираме самите на себе и се препуштаме во оваа свинско-јаболчеста авантура.
Кирил Стоименов - јаболкото од Снежана