На ѕидот гоблен-Вилер, у кујна шпорет Смедеревац и фрижидер Ободин, а на маса мелено месо под јорган компири aka мусака. Ол-тајм грендадарски класици!
Ако појдеме историски да гребеме чива е мусаката, ќе избие треќи светски рат. Башка и етимолошки не значи ништо посебно.
Него, оваа мусакаста варијанта што ќе ја приготвуваме денес е најблиска на енглеската Овчарска пита (Shepherd's pie), али ние ќе ѝ дадеме 'послушајте-патриотски' твист. Шала на страна, шопска финта за појачување на пирето како Марио и Луиџи на печурки.
Клавајте по еден жетон и да почнеме:
Прибидејчи, шо би рекол Стојан Андов, ова е фамилијарен рецепт, ќе стартуваме со кило мелено месо. 70% гуце, 30% крава. По рамковен.
Месото го благословуваме со: сол (или друга нота по избор, хехехенце), бибер, црвен пипер, коријандер (опционално, ама ќе се заебете ако не стаете, жими двете деца). Малце масло и пробркуваме.
Лупиме кило компир, го сечеме на ситни парчиња и у џакузи да ужива додека не се свари. Проверуваме старошколски, со виљушка. Додека не почне да клиза низ компирот како Зифреди по некоја анонимна Пољакиња, не го вадиме.
Тава врела како невестинска подвезица. Месото го упржуваме едно 15-20 минути. Добро да се спржи. Внимавајте да не го отпасете ептен. После треба и да го печеме. Откако е готово, му додаваме ситно сецкан магдонос и го распоредуваме по површината на огноотпорен сад. Или никад.
Компирот сварен. Пред да започнеме со пасирање, на многу ситно сецкаме еден праз (мојот е од сортата 'бејзбол палици') и црни маслинки. Не сте свесни шо ќе му напраат на пирето. Во компирот додаваме путер 50-60 грама и 250 мл млеко. Зачинуваме и пасираме. На сред пат ги додаваме празот и маслинките и продолжуваме сè додека не добиеме хомогена смеса со мазна текстура. Мазна како ногата на невестата од погоре.
Оваа прво-лигашко пире го додаваме врз месото. Рендаме пармезан или некое друго сирење/качкаваљ, наросуваме црвен пипер или буковец и у рернислав загреан на 200, 25 минути до пола саат.
Вадите, и автоматски сите комшии во љубоморат. Ако сакате викнете ги, ако не, кој ги пасира! Нема веќе ни потреба да ви кажувам шо сè можете да испиете со овој рецепт. Алкохолна Нијагара! Среќни ПРАЗници!
Кирил Стоименов - Дедо Праз