Кој фактор се бе па тие Шпанците да диктираат правила за конзумирање на доматна крем супа? Ладна требало, краставици требало, дрн-мрн. Шо знае запотен Андалузиец шо е малешевска зима?! Денеска ќе го помакедончиме гаспачото.
Гаспачо е иначе шпанска измишљотинка од јужните краишта, попрецизно: околината на Севиља. У суштина е патлиџан супа за трезнење, шо се конзумира ладна. Името на арапски значи ‘мокар леб’. Сиромаштија, ама вкусна. Традиционалниот рецепт иде: патлиџани, краставица, кромид, леб, бабури, маслиново, балсамико и црвен пипер, сè тоа истолчено во аван. Модерната варијанта се прави у блендер и се додаваат коцки мраз.
А сеа фор самтинг комплетаменте дифрент (од конвенционалниот рецепт). Вамос чеда Александрови:
Во тепсија КЛАВАМЕ патлиџани од сите врсти и подврсти (шо поразлични тоа повкусно), пиперка ајварка - црвена како образи кога прв пат ќе те дознаат дека пушиш, елџибити виолетов кромид, може и ортодоксен, не е проблем, неколку чешниња лук, гранчиња мајчина душичка. Истураме душмански количини маслиново врз зеленчуците, посолуваме и правец у рерна испозагреана на 180 степенчуги, 45 минути до саат. Го печеме зеленчукот, не го сакаме суров како на Шпањолците од погоре. Вака испечен и омекнат го убацуваме во блендер. Овде е опционално додавањето на рендан пармезан и свеж босилек.
Откако зеленчукот ни е испоблендиран, го преместуваме во тенџере и го оставаме да крчка на тивок накај среден оган. Додека жуборка, додаваме лажица мед и балсамико. Може да прснете и 200 мл. вода и на крај да ја крунисате супата со бујон по желба.
Додека ова комитско гаспачо се ближи кон своето финале, потпечуваме парчиња леб, кој на крај ќе ги нурнеме како сурф-даски во нашиот патлиџански бран. Мислам дека е срамота да пишувам како да потпечете лепче. СРАМОТА Е ЛУЃЕЕЕЕ, шо би рекол еден полу-пијан хидрант, веројатно од лош алкохол.
Супата нека прокрчка едно петнаес-дваес минути. Ја тргаме од рингла и телепортираме у длабок тањир. Комфорт фуд, шо би рекле овие од генерацијата Z. Се препорачува со многу ракија, пошто вистинските уживачи на лозовиот еликсир знаат дека супата е повеќекратно шампионско мезе. Особено кога избивате клин со клин.
Кирил Стоименов – Матадор