Полнета доматизација

Ако си и ти член од екипата здраво-за-готовани што го сметаат доматот за сочен „регуларен Џо“ кој лежерно се шета низ шопската и останатите имитации на шопска - време е да го раскрстиме тој мит. Како и едно сто и кусур пати до сега, во рубриката „Храна за хронично уморни“ ја трансформираме кујната во мала домашна лабораторија. Денес патлиџанскиот црвен објект ќе оперира како експлозивна капсула. Ќе го издлабиме, ќе го наполниме со работи што во нормални услови не би требало да се мешаат и ќе го лансираме во рерна како да испраќаме сателит во атмосферата.

Ова не е рецепт што ќе го најдеш во тетратката на баба ти.

Денес ја сум баба ти.

Намирници:

2 големи зрели домати
2 јајца
40–50 g пармезан или друго тврдо сирење
2–3 филети инчуни
2–3 лажици павлака или слатка павлака
Сушен рузмарин, сол и црн пипер
Крема за готвење

Постапка:

1. Исечи им ги капачињата на доматите и издлаби ја внатрешноста. Да, знам, делува малце како да подготвуваш орган за трансплантација. Мој совет е срцевината од доматот да ја измешаш со маслиново и со рендано лукче. И со 2-3 ракии, ама ова не сте го слушнале од мене.

2. Во некоја чаша или сад измешај ги јајцата, зачини, ситно исечканите инчуни, кремата за готвење и ренданиот пармезан.

3. Полека наполни ги доматите со смесата. Стави им ги капачињата назад, да изгледаат нормално, како ништо да не се случува.

4. Печи ги на 180 °C околу 25–30 минути.

5. Кога ќе ги извадиш, остави ги неколку минути да се смират, па пресечи ги. Внатре но требало да има создадено мала, сочна вселена.

Честито нова идеја за доручек, мезе за пред ручек, елемент за ордевер низ разни прослави.

На здравје и уживанција.

Кирил Стоименов - баба ти, како што констатиравме погоре

11 октомври 2025 - 12:31