Пред неколку години на еден од реномирани балкански веб-портали кои се бават исклучиво со вистини прочитав: "На овогодинешниот саем на книгата во Лесковац највеќе се продавале плескавици". Плескавицата е меленомеснатиот бисер балкански. Исто така е и тешка лотарија: поради својата популарност, достапна е од пазари, преку школски сендвичари па сè до ќебапчилници и отмени угостителски локалитети. А токму поради достапноста, може да налетате на кулинарско ремек-дело, но покрај регуларните прилози, некој може да ви стави и гратис салмонела. Секој со својот к‘смет.
Кај нас се познати неколку фракции на плескавици: обична (оние со соја), ајдучка (често именувана како политичарска), лесковачка (а уствари од Владичин Хан), грчка (цел век се р'чка), шарска (на стероиди).
Денес оваа прилика ќе ја искористам да ги поздравам своите колеги, фамилијата, а воедно и да ви го претставам овој скараџиски деликатес: Плескавица која блеска! Слободно викајте ја Блескавица.
Следново е апла експеримент. Но, за моја, а сега и ваша среќа, испадна одлично. Состојките ги комбинирав "на дур", направив колаж од повеќе кулинарски тандеми. Шарен, богат и вкусен.
Па, ајде возрасни, да ракоплескаме малку плескавици:
Рецептот го отвараме со кило мелено месо, микс од свинско ем јунешко. И уште во самиот старт започнување со додавање ‚фанки’ зарзават.
За почеток еден пендрек праз. Значи го сексираме на многу ситно. Потоа 150 грама ореви. Ги поставуваме на даска за сечење и со произволни самурајски маневри со ножот ги ‚кршиме‘ на мали парченца. Внимание: намерно пишав кршиме зашто не ни требаат мелени ореви. Потоа следува ситно сецкана жалфија, 5-6 ливчиња. Сетоа ова благословено со сол и бибер и 100-тина грама презла.
И мешаме како Бугарки за дневница.
Пост-скриптум корекција: да би можел да го вратам времето, освен што би отворил кафана би направил и мали корекции во однос на зарзаватите. Имено, и презимено, мислам дека овие ситни трикови ќе направат огромна разлика во финалниот вкус. Значи: пред да го додадам празот во месото, прво би го пропржил заедно со жалфијата. Пржениот праз ослободува благи ноти и метаморфозира царски. А за комплетна доминација, би ја извел и следнава егзибиција: оревите неколку часови потопени во виски/рум/коњак, па потпечени во рерна 15-20 минути на 180 степени.
Во ред, смесата е спремна и чека да биде спакувана. За таа цел го имаме нашиот гурмански целофан: свинската марамица. Лесно можете да ја набавите во локалната месара. Вадиме парче, го пружаме по даската за сецкање, ставаме од меснатата смеса, плескаме до посакувана форма и дебелина и преклопуваме. Значи овде импровизирајте, нема правилен начин на умотување у кошулица, нема да погрешите.
Откако нашите плескавици се репетирани, загреваме грил тава, електрична или акустична скара. На кој шо му шета по дома. Печеме 4-5 минути по страна.
Следува шампионско омрсување брк. Ова важи за сите полови. И за Арктик и за Антарктик. Аромите од плескавицата се вознемирувачки секси.
Третирајте се добро, не бидете зачленети у невладини организации.
Кирил Стоименов - веган, додека спијам