Имала мајка два сина: едниот теретана пацов, другиот нормален - алкохоличар. Мала шала, нека не ме каменуваат оние од велнес сектата. И, мајка како мајка, жената да им погоди на сите. И замисли, дошло време за ручек, а двајца незапослени коњи од дваесет и кусур годови у тоа стеблата чекаат лапачка/мезачка. Да пукне човек. Од кај грбот.
Цела среќа, мајката била редовен читател на рубриката “Храна за восрасни“ при Оффнет, па побарала решение за својот проблем во сајбер храмот на кулинарските мудрости. Како би ја извадиле жената од мат-ситуација, составиле еден рецепт за пилешка салата која ќе ги задоволи апетитите и на двете чеда.
Без да губи време, нашата тетка веднаш се фатила за работа:
2-3 пилешки стекови, убацување у тенџере заедно со гранче свеж рузмарин, магдонос, кора од еден лимон и цели зрна бел бибер. Ги прелеваме со вода и откако ќе зоврие ги вариме пола саат со капак или 40 минути без.
Додека пилешкото се вари, на ред е сосот. Во блендер: 4-5 лажици полномасна павлака, едно авокадо, многу магдонос, може и свеж босилек (опционално), сол, бибер, маслиново и сок од една лимета. Ако лиметата кошта како алтернатор за Фиат Мареа, слободно освежете го сосот со лимон. Блендираме. Целиме кон светло зеленкаста крема. Одличен сос за повеќе салати.
Се враќаме кај пилешкото. Со две вилушки се претвораме во Вега од Стрит Фајфер и го раскомбосуваме пилешкото. Го ситниме до мали души. Го префрламе во длабок сад, додаваме свежо нане и ситно сецкан магдонос.
На тенки лентиме сецкаме една марула и ја мешаме со пилешкото.
Печеме две кришки леб и ги кубетисуваме. Додаваме во садот. На крај иде сосот и семки од сончоглед или тиква. Мешаме.
Синот број 1 е подмирен со дневната протеинска доза. Синот број 2 е спремен да се предозира. Со мастика, нормално.
Мајката турила кафе, го шмрка со сласт и со неверување посматра какви коњини родила.
На здравје.
Кирил Стоименов - син број 2