
Сите држиме во кујната барем еден рафт кој изгледа како етно-музеј за мумифицирани ботанички примероци. Обично е сместен во мрачниот агол каде што живеат теглички полни зачини купени во моменти на напад на егзистенцијална криза или изгледан кулинарски документарец, по кој демек искрено сте си ветиле дека од следниот понеделник станувате мастер шефови од Бејрут.
Но, реалноста е брутална прекуокеански втора братучетка шо ви лепи сè у фаца: тие зачини со години фаќаат прашина и пајажина, додека вие доживотно ги зачинувате сите јадења со истото свето тројство - сол, универзален зачин и малку црвен пипер против кататонична депресија.
Мешањето сопствен затар е врвен детски експеримент за возрасни. Земате суво оригано и мајчина душица, ги спојувате со киселкаст сумак - кој стажирал непипнат со години - и малку сусам, и одеднаш се претворате во сензационален алхемичар. Ова е чиста психолошка манипулација: обичните пилешки гради одеднаш добиваат карактер, текстура и арома заради која луѓето во хипстерски ресторан ќе ви наплатат пола бубрег.
Затоа го спремаме дома. Најсекси дел од оваа претстава? Гостите ќе бидат убедени дека зачинот ви го донел некој личен, мистичен пријател директно од скриените пазари во Дамаск.
Состојки:
- Пилешки гради: Околу 500g, исечени на потанки парчиња или шницли
За Затар (миксот):
- 2 лажици сумак (за дива, рубинска киселост)
- 1.5 лажица сушена мајчина душица
- 1 лажица сушено оригано
- 2 лажици печен сусам
- 1 лажичка крупна морска сол
За кремастата подлога:
- 3-4 лажици густо кисело млеко или грчки јогурт
- 2 лажици сусамов таан
- 1 лажица ситно сечкан свеж магдонос Сок од пола лимон
- Сол и малку киселен црвен кромид (за естетски контраст во чинијата)
За свежата салата:
- 200 грама варена леблебија (добро исплакната)
- 10-тина чери домати (пресечени на половина)
- Пола црвена пиперка и пола црвен кромид (исечкани на тенки ленти)
- Уште малку сумак, маслиново масло и лимон
Постапка:
1. Креирање на Затарската илузијата

Во еден подлабок сад измешајте ги сумакот, мајчината душица, ориганото, сусамот и крупната сол. Измешајте ги со прсти за да се ослободат етеричните масла. Вдишете длабоко и преправајте се дека сте на ориентален пазар.

2. Масажа на пилешкото
Наредете ги парчињата пилешко врз кујнска даска, прелијте ги со малку маслиново масло и обилно посипете ги со свежо направениот затар. Добро утапкајте го зачинот од двете страни за да се залепи за месото.

3. Сос
Во длабока чинија помешајте ги грчкиот јогурт, таанот, свежиот магдонос, лимоновиот сок и ситно исечканиот кисел кромид. Разбркајте со лажица додека да добиете кадифено белкаст сос. Размачкајте го во богат, кружен слој на дното од плитка чинија за сервирање.

4. Експресна салата од леблебија
Во метален сад спојте ги леблебијата, чери доматите, пиперката и кромидот. Зачинете со обилно количество маслиново масло, лимон и уште еден прстофат сумак за боја.

5. Печење на грил тава
Загрејте ја грил тавата на силен оган. Ставете ги зачинетите парчиња пилешко и печете ги по 3-4 минути од секоја страна. Затарот ќе направи крцкава, темна коричка, а сусамот благо ќе се запече.
6. Финално аранжирање
Врз размачканиот таан сос, од едната страна ставете од шарената салата со леблебија, а од другата наредете ги топлите, ароматични парчиња пилешко. Послужете со парче лимон од страна.
На крајот, останува само да се срушите на софата со чинијата во скут и да уживате во сопствениот триумф.
Грч ладно пиво со ова? Во секое време и невреме.

Кирил Стоименов - директно од За'атарот на село Кочани