Постојат две категории луѓе: едните кои се хранат здраво и другите што се хранат: „Здраво, ај ако може 2 кила сланина“.
Ја сум у вторите. Се будам прошла недела со изглед како да сум преживеал три војни, две торнада и како да ме исфрлила бура. Одам у кујна да го залажам организмот со води, електролити и разноразни суплиментации за кои потсвесно знам дека се лажи-пара и не функционираат. Особено не после вечер која се брои во хектолитри. На маса гледам две банани, потемнети и омекнати како мојата јетра. Сестри по очај. Додека ја правам ритуалната гаргара со дупли нес, уште поритуално скролам по падините на тикток. Супер велеслалом за мозочно гниење.
Налетувам на еден фуд-блогер шо го ценам бескрајно дека стално се жали на мамурлуци. Значи делиме исто хоби. Да ти решил он да се храни здраво (демек) и споделува рецепт за палачинки од банана и овес. Таман да го сменам клипот, вика супер се за мамурлии - лесно се прават и освежуваат. Ме имаш, си викам. Без разлика дали сте од оние што планираат да живеат 400 години или од оние шо сакаат 70-тина ама квалитетни и забавни, овој рецепт е за вас.
Намирници:
2 зрели банани (што помеки, толку подобро)
100 g овесни снегулки
2 лажици павлака или егејски јогурт
1 јајце
Цимет
Масло или путер за пржење
Топинзи по избор
Постапка:
1. Бананите, ги гмечиш со вилушка до состојба на пост-трауматска каша.
2. Додај го јогуртот и јајцето и мешај како да ти должат пари.
3. Истури ги овесните снегулки и промешај. Имаш тесто кое изгледа како кал, ама наскоро ќе се претвори во појадок.
4. Загреј тавче со малку масло/путер и со лажица ставај од смесата. Не очекувај симетричен круг, тоа е привилегија на Instagram блогери, не на вистински луѓе.
5. Печи 2-3 минути по страна додека не добијат кафеава боја и кора.
Јас ги украсив со свеж ананас и некој овошен јогурт. И мали какао парченца. Слободно ставете им боровница, малини, мед, јаворов сируп.
Уште еден совет пред да се одјавам: наместо да печете палачинки, сместете ја смесата во калап за мафини, печете на 180 степени десетина минути. Искача екстра. Не прашувајте како знам.
На здравје,
Кирил Стоименов - клинсоклиновадач специјалист