
Почитувано читателство, добродојдовте во дистопијата на модерниот малоѓрагански романтизам, каде што во исто време либидото ќе го замениме со оброк, а брачната понуда еволутивно ќе ја деградираме до рефлексен одговор инспириран на добро зачинета живина.
Феноменот „Ожени ме“ (Marry Me) рецепти е патолошка манифестација на нашиот друштвен очај.
Тоа е гастрономска стапица за наивни претставници на патријархатот ünd матријархатот кои веруваат дека врвното достигнување на една врска е кога ќе успеете да ги замолчите егзистенцијалните прашања со доволно количество калории.
Да ја тргнеме на страна таа патетична илузија дека некој со барем малку функционален неокортекс би го променил својот правен статус поради чинија месо. Ово Инстаграмски тренд ги маскира сите структурни дефекти на една врска и идејата позади него е дека поради магичниот вкус на рецептот, партнерот или партнерката од другата страна ќе посакаат да го поминат остатокот од животот со вас. Да веруваш дека патот до нечие срце води низ желудникот е старошколска метафора, но да веруваш дека тој пат е поплочен со конзервиран наут е чиста дијагноза.
Јас, како верен евалуатор на гастро-трендови, го пробав рецептот: добар е, да не речам одличен, но да се воздржиме од непотребно паѓање у несвест околу женачки и запросувања.
Потребни намирници
- Протеинска база: 600г пилешки филе (дотерано на ленти)
- Маслиново масло
- Зачински арсенал: сол, свежо мелен црн бибер, суво оригано, димен црвен пипер
Зеленчукова подлога:
- Млад кромид и праз (ситно дефрагментиран)
- Морков (прецизно исечкан на ситни коцки)
- 400г конзервиран наут
- 4 лажици концентрирано доматно пире
- 250мл неутрална павлака за готвење
- Свеж магдонос (за козметичка софистицираност)
- Сенф
Подготовка:
Термичка обработка:
Зачинете ги пилешките ленти со агресивно количество на зачини. Испечете ги во Ер-фраер додека не постигнат Маијар-ова реакција (златна боја), а потоа отстранете ги за да не ја изгубат сочноста. 13 минути на 180 степени.


Деструкција на зеленчукот:
На загреано маслиново масло, додадете ги кромидот, празот и морковот. Динстајте додека не ја изгубат својата структурна форма и не станат меки.

Интеграција на наутот:
Додадете го наутот и доматното пире. Пржете додека не ја интензивирате бојата на сосот.

Симбиоза:
Вратете го пилешкото во тавата. Додадете минимално количество пилешки бујон за да креирате средина за крчкање и оставете ги вкусовите да соработуваат во наредните 5-10 минути.

Финализирање:
Истурете ја павлаката за готвење. Мешајте додека не добиете течност со боја на зајдисонце во загадена метропола. Потоа следи сенфот. Оставете да прокрчка.


Естетика:
Завршете со свежо сецкан магдонос - единствениот свеж елемент во овој кулинарски цинизам. Сервирајте го овој „прстен во тава“ додека е уште топол, пред здравиот разум да се врати во собата.

Уживајте во илузијата на вечна љубов, барем додека не дојде време за миење на тавата.
Кирил Стоименов - (пробле)Матичар