
Кога зборуваме за мортадела, зборуваме за искреност. Кај неа нема глумење лудило, не се прави дека е којзнае што, ама секогаш кога ќе ја гризнеш, знаеш дека си на сигурно. Е па, денес решивме да ја извадиме од тој комфорен меур. Ја земаме, ја гужваме како недобитен тикет и ја редиме на ражнич. Зошто? Затоа што кога ќе ја „напакуваш“ така густо, секое парче добива свој простор да дише, да се запече и да собере путер во тие секси набори.
Овде, ѓаолот е во деталите. Путерот е „горивото“ што ја претвора мортаделата од обична салама во крцкаво ремек-дело. А зачините се тука за да и дадат малку медитерански шмек, колку да не заборавиме од каде доаѓа оваа розева лепотица. И на крај, го имаме тој зелен сос - „дрипот“ на ова јадење. Магдоносот и лукот се комбинираат во тавата како да се создадени еден за друг. Малку лимон за да те „пецне“ и да ти каже дека животот е прекрасен и бум - имаш оброк што изгледа како да е од БИШЕлински ресторан со 3 ѕвезди, а всушност е чиста улична магија направена во твојата кујна.
Што ти треба?


Собери ги овие работи и спреми се за спектакл:
- Мортадела (барај ја онаа со повеќе „очиња“ маснотија, сечена тенко како лист хартија)
- Путер
- Свеж магдонос
- Лук (2-3 чешниња, ситно сецкани за да „грмат“)
- Лимон (пола лимон е сосема доволно за да ја разбуди работата)
- Суви зачини: Оригано, бибер и малку мајчина душица
- Дрвени ражничи
Како да ја „средиш“ работата:
Гужвање со стил:
Земи ги парчињата мортадела и прави им набори. Набоцкај ги на ражничот едно до друго, да биде густо и моќно.

Путер-третман:
Растопи го путерот во тенџерче и фрли ги зачините внатре. Со оваа магична течност премачкај го целиот ражнич. Нека „плива“ во вкусови.

Акција:
Загреј ја тавата и фрли го ражничот внатре. Сакаме да слушнеме како „вришти“. Врти го повремено за да добие боја од сите страни – бараме крцкави рабови и златна нијанса. Извади го на страна да одмори.
Зеленизација:
Во истата тава фрли го лукот. Штом пушти мирис, додај го магдоносот и веднаш исцеди го лимонот. Промешај два-три пати и тргни од оган. Не сакаме магдоносот да се предаде, сакаме да остане свеж.
Финале:
На голема чинија развлечи го зелениот сос. Одозгора паркирај го ражничот. Земи виљушка и уживај во најдобрата мортадела што некогаш си ја пробал.

Кирил Стоименов - Мортадела Комбат