Овој рецепт е изнудување поетска правда за злоделата извршени врз кутрите марули кои неславно завршуваат по куќнославските овали како подлога за ордевер. И ОДОЗГОРАНАТОГА, на крај ги фрлаат у ѓубре, непипнати.
Неправдата и потценувањето на овој лиснат зеленчук денес ќе ја решиме со еден специјален џентлменски третман. Тоа е најмалку што можам да учинам за нашата главна женска улога во мимоза салатите. Дедо ми марулата ја викаше ‚салата шо мириса на мастика‘. Исто викаше дека Французите ги измислиле мини-сукњите со цел „момите да можат да луфтираат марулите летно време“, пардон мај френч.
Марулата се среќава во различни бои, форми, величини. Нам денес ќе ни треба една од оние со малку покрутите листови, или ‚Романа‘. Крцкава вода, што би рекле едни радикални предкооператисти. Ја има по супермаркети и пазари, чат-пат со троа непристојна цена. Плус ако ви се исплати да купите од ‘евтината‘ за само да ја фрлате, секако сте добитни.
Ок наши марулаши, одиме:
100 грама од принцот на јаткастите плодови - ф'стакот. На обезмаслена загреана тава ги потпекуваме 5-6 минути. Внимавајте да не ги јагленисате. Во истата тава додаваме малку масло. Букетот марула напречно го сечеме на 2 дела. Ја потпекуваме марулата прво со внатрешниот дел. Нека постои вака 4-5 минути на среден оган.
Зошто потпечена марула, ќе се запраша просечниот кредитоспособен Балканец. Затоа што лефтерно запечените листови добиваат на комплексност во однос на вкусот, ослободуваат извесни ноти на ‚димено‘, карамелизираат. Кој не пробал, не знае. На крај ја финишираме уште 2-4 минути од надворешната страна. Ја поставуваме во чинија, посолуваме и забиберуваме и ја оставаме да почека да ја издресираме.
Овој пат како дресинг користиме едно шампионско винегре. Во сад додаваме 3-4 сецкани инчуни (сардели), две чешниња лук, сецкани на многу ситно, 2 лажици сенф, 2 супени лажици бел вински оцет и маслиново. Мешаме до посакувана конзистентност.
Винегрето оди врз марулата, а врз него потпечените фастаци.
Мастиката и јетрата си намигнуваат. Ова е одличен стартер доколку сакате да изненадите некоја драга особа со неколку курса домашен фајн-дајнинг. Мислам дека ѝ обелив образ на марулата колку-толку. Прекинете да ја злоставувате. И генерално, да фрлате храна.
Кирил Стоименов, ре-активист