Лига на Шкампиони

Здраво возрасни,

Пред да започнеме со рецептот за овој кошарски клуб од Кочани, да разграничиме две работи:
1. Морски плодови е сè она од морето што може да се искористи во човечката исхрана, но и деца родени 9 месеци откако нивните родители летувале на море. Често ги мешаат со бродски подови;
2. Шкампи се морски плодови, но и жаргонски термин за згодни но грди девојки и момци. Зошто? Затоа што на шкампите им се јаде само телото, но не и главата;

Океј. После овие мои полу-шалички, редно е градски ünd демократски да го најавиме денешниот јунак: Брускета со пијани шкампи врз зелен кремаст сос. Некоја моја golden ballads компилација од неколку разни рецепти шо пробав да ги укомпонирам заедно. Искочи екстра.

Напомена: доколку поради некоја чудна причина како што се тажно детство, недостаток на прегратки, глутенски раскапации, бидување билдер и сл. НЕ! јадете леб, едноставно изоставете го лебот и сервирајте само сос и шкампи, или заменето го со варен компир. Или запрашајте се која е поентата на битисувањето во кое не смеете да јадете леб. Пацифик од тага...

А за лебождерите: големо a.k.a. МАШАЛА парче леб, го потпечуваме на тава, од двете страни, до посакуваната крцкавост. Го тргаме на страна да чека.

S.O.S.-от: основата на овој сос или попрецизно намаз е рикота. А рикотата е урда шо работи у невладина. И слуша ПМЏ. Во сецко ставаме 250 грама рикота, 2 чешниња лук, многу магдoнос, 30-тина грама рендан пармезан, сок од еден лимон. И зууууууумммм-зууууууум, дотека не се претвори во мазна смеса.

Шкампите: спремаме пијани шкампи, како малешевец на работа у Ирска. Во тава, на тивок оган топиме 50-тина грама путер. Упржуваме малку лук и кромид. Потоа додаваме 350-400 грама шкампи. Нека се упознаат 3 минути. Сетне малку вино, некои 150 мл, пола лимон, и уште 30 грама путер. Нека поседат додека виното не испари и ме се згусти целата тава. Финишираме со ситно сецкан магданос.

Го враќаме потпеченото лепче во игра. Врз него мачкаме слој-капиталец од зелената лепотица. Врз неа морските плодови. Уште малку лимонов сок. Со секој гриц лепчето ќе го заврти своето крцкаво танго на кое намазот и шкампите во страсна прегратка ќе изгалопираат низ хранопроводот.

Kind regards,
Кирил Стоименов - аргентински копан

14 август 2022 - 09:22