
Малце ми е преку глава од овој свет во кој што царува сиромашен и некреативен дуализам, каде што сè стана црно или бело, за или против, лево или десно. Поларизацијата лукаво успеа да се вовлече во секој агол и секоја пора од нашето секојдневие, од политика и технологија, па сè до тоа што ставаме во сопствената чинија и во дигестивниот тракт. Се чини дека општеството комплетно ја заборави уметноста на компромисот и аритметичката средина. Го гледаме светот низ радикални леќи: или си страстен омнивор кој не признава оброк без месо, или си заколнат веган кој гледа на секој млечен производ како на екстремен ерес. Оваа опсесија со заземање „страни“ не дели, создава непотребни бариери и нè лишува од убавината на компромисот. А вистината е дека поларизацијата мора и треба да се надмине – а каде на друго место ако не на софрата, каде што храната отсекогаш имала моќ да ги обединува луѓето и разликите?
Денес во овој пријателски двобој ги имаме: Од едната страна кадифениот, свиленкаст хумус – апсолутниот крал на веганското мени, крунисан со свежа, крцкава салца што пука од витамини, а од другата страна е сочното, зачинето јунешко месо. Наместо да водиме идеолошки војни, ги спојуваме во идеална хармонија: веганите го добиваат својот омилен кремаст намаз и зеленчук, а љубителите на месо ја добиваат богатата текстура.
Намирници
За домашниот кадифен хумус:
- Сварен наут (леблебија) околу 400 г.
- Таан (сусамова паста) 2-3 лажици.
- Свеж сок од лимон (од 1 помал лимон)
- Маслиново масло
- Коцки мраз (2-3 коцки – тајната за мазна, кадифена текстура)
Зачини: Сол, црн бибер, лук во прав или свеж лук
За месото:
- Мелено јунешко месо (околу 300-400 g)
- Доматно пире / концентрат (1-2 лажици)
Зачини: Црвен пипер, буковец, толчена сол, сол и црн бибер, малку масло за пржење
За свежата салца:
- 1 краставица (ситно сецкана на коцки)
- 1/2 црвен кромид (ситно сецкан)
- 1/2 бел кромид (ситно сецкан)
- Свеж магдонос (ситно сецкан)
Зачини: Буковец, маслиново масло, малку сок од лимон и сол
Постапка
1. Подготовка на хумусот
Во блендер или сечко ставете ги наутот, зачините и свежо исцедениот сок од лимон (цеден низ цедалка за да нема семки). Додадете ги таанот, маслиновото масло и 2-3 коцки мраз. Мразот при блендирањето прави емулзија која на хумусот му дава совршено светла и кадифена текстура. Блендирајте додека не добиете потполно мазна, кремаста смеса.

2. Подготовка на свежата салца
Во подлабок сад ситно исцкајте ги црвениот кромид, белиот кромид и краставицата на еднакви мали коцки. Додадете го ситно исецканиот свеж магдонос, зачинете со буковец, малку маслиново масло и лимон, па убаво измешајте за да се соединат сите свежи вкусови.

3. Пржење на месото
Во загреана тава ставете го меленото јунешко месо, рамномерно распоредете го и богато зачинете со црвен пипер, буковец, толчена сол, сол и црн бибер. Пржете го месото додека не добие убава румена боја и не се раздроби на ситни парчиња. Пред самиот крај, додадете 1-2 лажици доматно пире (концентрат) и малку вода за да се поврзат зачините и месото да добие сочна, богата текстура. Допржете уште 2-3 минути.

4. Сервирање
На голема чинија со лажица распоредете го подготвениот хумус во кружна форма, правејќи благо вдлабнување во средината. Во средината одозгора богато ставете од топлото, зачинето јунешко месо. Врз месото наросете од свежо подготвената салца од краставица, кромид и магдонос за совршен контраст на топлината и свежината.

Послужете со топол леб или пита и уживајте во совршениот баланс!
Кирил Стоименов - Балансер