Копани за елитисти

Кок-o-вин, (Coq Au Vin), галски класик, веројатно едно од омилените мезиња на братот Обеликс. Станува збор за пилешко маринирано во црно вино, цела ноќ. Да, мора ноќно време да се маринира, пошто виното и месечината имаат некои тајни заговори.

Ако сакате мастодонтски претставителна линија како Жерар Депардје, ова е задолжителна потточка во вашата диетална листа.

Поднапиено пилешко, одма после двете точки:

Набавуваме кило пилешки екстремитети: некаде ги викаат ‘копан со надкопан‘, некаде ‘копан со подкопан’. Може со кожа, може и обезкожени. Ги нурнуваме во длабок сад во којшто претходно сме наточиле 750 мл. црно вино. Или наточете го виното откако ќе ги сместите во садот. Битно, ставете квалитетно вино, немој да бидете фанови на Неша-Галија. Нека преноќат, да се запознаат.

Во оваа маринада нема да ставаме зеленчуци, со цел да избегнеме дополнителни прецедувања, сепарирања и други ‘време-злоставувачки’ чекори.

Веќе сме утре. Го вадиме пилешкото. Со брз касапски потег ги отстрануваме врвовите од коската. Не прашувајте зошто.

Рингла. Оган. Среден. Тава. Сува. Без зејтин. Или путер. Зошто? Затоа што во загреаната тава убацуваме 150-200 грама сушено свинско месо, сланина, пршута, панчета, би-мај-гест. Пропржуваме отприлика 5 минути, и месото го вадиме надвор од тавата. На ред се копаните со под/над/пред/задкопаните. Без да додаваме масло, ги запржуваме 5 минути по страна. Ги вадиме од тавата. Конечно во тавата џиткаме 100 грама путер. Откако ќе се растопи како Снешко при крајот на февруари (уствари сеа со глобалното затоплување оди па фати му крај кога се растопува, извинете за моите ADHD излети), во тавата додаваме ситно сечкани шампињони, кромид и моркови. Уффф, ама долга реченица, руски реалисти да подзавидат.

Зачинуваме со сол и бибер. После 5-7 минути ги додаваме копаните и свинското, го истураме винцето од маринадата, гранче мајчина душица или рузмарин, 2 ловорови листови, капак и идемо на динст. Динстаме саат у најмала рака, на тивко.

Додека месото кулира во винското џакузи, ќе спремаме едно сосче. 2 црвени ајварски пиперки. Ги потпечуваме на рингла или во рерна. Битно да бидат поцрнети и спремни за стриптиз. Или ако имате печи-гмечи во вашата колекција ‘Туршии’, уште подобро. Откако ги лупиме пиперките и елиминираме семките, ги сместуваме во блендер. Или било какво друго фенси ‘сецко’. Додаваме неколку ливчиња свеж босилек и врууууум вруууууум. Честито сос. Не забравајте да зачинете.

Месото е готово. Сосот треба да ви изгледа како бордо лакована секси лава. На чинија правиме слој од пиперкастиот сос, а врз него: Парче пилешко, полиено со соковите од зеленчуците и виното.

Додека пишувам ми идат солзи-расолници. Радосници де. Верни и неверни читатели, ова е ултимативна прослава за сите сетила. Дури и за шестото сетило: сетилото за алкохол. На здравје, најискрено, жими мајка.

ваш
Кирил Стоименов - уштештоневеќеист

27 февруари 2022 - 12:45