
Знам дека никој од вас со го нема поставено прашањето „Како се третира една краставица џентлменски“. Нормално, можете да ја исечкате на обични кругови како во менза во доцните осумдесетти, или пак можете да ѝ приредите „третман за подмладување“ каков што не виделе ниту во најексклузивните спа-центри во Швицарска - скоро па савршен.
Денес спремаме зелена револуција сервирана на порцелан. Ова е јадење за хероите кои ги преживеале сите „детокс“ лаги на модерното доба. Овој сос е толку интензивен и софистициран што веројатно би можел да го убеди и најтврдокорниот љубител на скара дека „тревата“ е всушност деликатес, под услов да е бањата во доволно грчки јогурт. Додека вашите пријатели ве прашуваат со недоверба „Што се овие дреч зеленила?“, вие само енигматично ќе се насмевнете низ чашата добро изладена ракија или кристализирана мастика. Нема потреба да им кажете дека пред десет минути сте воделе егзистенцијална битка со капакот од блендерот.
Краставичариме на најјако:
Потребни намирници

- 1 голема свежа краставица (темелно измиена);
- Грчки јогурт или густа павлака (околу 200–250г);
- Свежи билки: магдонос, копар и босилек;
- Капари (една мала тегличка или 2 супени лажици);
- Зачини: сол, бибер и буковец
- Маслиново масло (по желба, за сосот).
Постапка
Процесот е поделен во три едноставни фази за да се постигне максимален вкус и идеална текстура.
Подготовка на основата (Зелениот концентрат):


Во блендер ставете ги свежите билки (магдонос, копар и босилек) заедно со капарите. Додадете малку сол и, доколку е потребно, капка маслиново масло. Блендирајте додека не добиете густа, темнозелена паста со изразена арома.
Соединување на сосот:


Во посебен сад ставете го грчкиот јогурт. Постепено додавајте ја зелената паста во јогуртот и мешајте со лажица додека двете компоненти не се соединат во мазен, светлозелен сос. Внимавајте да не претерате со мешањето за да ја задржите густината на јогуртот.
Сервирање:


Краставицата исечете ја по должина на дебели парчиња (стапчиња) и наредете ги на плитка чинија. Секое парче прелијте го обилно со подготвениот зелен сос. На крајот, посипете со малку буковец за контраст и дополнителен вкус. Послужете веднаш додека е ладно и свежо.
Тоа е тоа, таратур шо е активен и спие на LinkedIn. И носи дрвена лептир машна.

Кирил Стоименов - Краставица, нисам знала да си таква…