Според левичарскиот Дедо Мраз - дедо Карл Маркс, ситната буржоазија, или на помпезен француски - petite bourgeoisie, е еден од слоевите од повеќеслојните општествени класи. Тоа обично биле ситните трговци, занаетчиите и слично. За разлика од чистокрвната висока буржоазија, ситните буржуи биле наклонети кон левичарењето и работничката класа. Но, често знаеле да бидат и женски полови органи на карактер приклонувајќи се и улизувајќи му се на авторитетот и властите.
Оваа екипа малостопанственици која кокетирала и со контрареволуционерите и со пролетаријатот, често сакала да се храни како овие од врвот а тоа да кошта како кај комшиите од дното. Коитус без пенетрација. Но, со тек на време откриле едно евтино јунешко парче кое со едноставен марифет потсеќало мање-више на луксузните крвави бифтеци, риб-аи и ти-боунови.
Станува збор за јунешкиот пафлак. Низ брановите на гугл и јутјуб ова парче најчесто се среќава под називот flank steak. Мускул со кој е обвиткан абдоменот на кравата. Јунешкиот пафлак има доста чудна структура: ако запнете да го динстате ви треба библиско трпение, но ако само малку го џишнете се претвора во мек меснат локум. Тоа го откриле и нашите гореспоменати комради, па така кога сакале да се частат троа повеќе, спремале пафлак.
Јас ќе го спремам заедно со зеленчуково рагу и екстремно-десничарски и корпоративно-капиталистички зелен сос, за баланс и мир у плуќа. Нема одмора док траје Гомора. Идеме, омладино полнолетна:
Во тенџере прво потопуваме еден куп зеленчуци како би добиле секси зеленчуков микс. Сензационално кремаст. Значи: кромид, лук, целер, млад кромид, пиперка и морков. Сè тоа на коцки. Ги бланшираме на добро загреано масло и после 7-8 минути додаваме 250 мл. бело вино (ако не ги прелева, и малку вода по потреба), 2 ловорови ливчиња и една гранка рузмарин, како за сватови. Нека се динста вака на умерен оган се додека течноста не испари.
На крај додаваме малку пасата, томатело, домачи цеден патлиџан, кој шо има. Промешуваме, сецкаме црни маслинки, додаваме сол по вкус и преминуваме на втора стаза.
Во блендер сместуваме рукола, 3-4 парчиња инчуни и 2-3 лажици сенф. За високата буржоазија - може и маслиново. Масакрираме брзопотезно и за минута имаме одличен зелен сос кој лагано може да им парира на сите меса на овој свет.
И на крај, ѕвездата на попладнето - пафлакот.
Грил тава, добро загреана. Капнуваме малку масло за готвење, колку да се подмачка целата површина. Лефтерен лубрикант. Месото го зачинуваме со светото двојство - сол и црн пипер. Печеме 3-4 минути по страна за да ја добиеме онаа неодолива розе средина и кафеаво лакована површина.
Сè над 4 минути ќе го претвори месото во иверица. Значи колку и да сте радикални welldone-исти, овој пат мора да послушате. Во спротивно губите вие и вашите кутри заби и вилици.
Во ред. Посложуваме прво од скоцканиот зеленчук, врз него следува месото исецкано на ленти, а на врв пошумуваме со зелениот сос.
Се препорачува порциите да се послужуваат подеднакво. Или според потребите, у најмала рака. Уживајте во секој залак и не заборавајте дека Гулаг е само состојба на умот.
Кирил Стоименов - кочанско-дијалектички анти-материјалист