Холандска срцка

Дач бејби, или у слободен превод ‘Холандска срцка’ е германска палачинка измислена у Америка. Нејмли, извесна Швабица шо мигрирала у УСА дошла до изум на рецептот, ама Амери ко Амери, уместо 'Дојч бејби' палачинката ја нарекле ‘Дач бејби’. Бива грешка.

Британците ова го викаат Јоркшир пудинг. Се јаде и солено и благо и на пијано и на трезно. Ама највкусно е на мамурно. Проверена варијанта. Ја имав останато неколку лажички песто, експериментирав малку и искочи закон. А за да ви искочи и вам, треба да ги направите следниве јуначки потфати:

Во длабок сад укајгануваме три јајца. Во смесата додаваме 70-тина грама сенаменско брашно. Врз брашното нанесуваме 3-4 лажици песто-сос и на крај ладен туш од 120 милилитри млеко. Малку сол. Миксаме со кујнска жица, најзлоупотребуваниот алат од страна на лицата од детска вероисповед кога глумат дека пеат па ова им симулира микрофон. Правиме вртлози едно 3-4 минути додека смесата да ни се соедини. Знаеме дека сме готови кога во течноста нема да го има овој носталгично-социјалистички термин: ‘Грудвици’.

Пуштаме рерновача на 220 степени, да ни биде на готовс. Заврелуваме тава. Ептен врела да е. Секој да ја знае. Џиткаме парче путер со големина на паковање Лексилиуми. Откако путерот е инстантно стопен, ја истураме смесата. Оставаме 2-3 минути максимум да се погалат со путерот и веднаш правец у рерна. Целата тава, од глава до пети. Гледајте да нема пластична или дрвена рачка. Печеме 20-тина минути. За ова време тестото треба да еректира. На крај очекуваме вулкански рељеф. Тестото ќе се оформува ‘како му е ќејф’. Фрактално.

Идеја за елегантно пополнување на средината: сецкани маслинки, пармезан или било кое друго сирење и ситно сецкан магдонос. Може да ја вратите уште минута време за сирењето да се растопи како средношколец на пола екстаза. За дополнителни ерекции. Ако сте у еден од оние денови, мислам на екстремно мамурни, ова ви е одлична опција за доручек. Брз, едноставен, башка и око го јаде.

Оправајте се, затоа што алкохолот е штетен и треба шо е можно побрзо да го испиеме.

Кирил Стоименов - кочанска срцка

12 јуни 2022 - 09:03